Свет
20. October 2017 - 11:11

Преседан во САД: Обама и Буш индиректно го критикуваа Трамп

Поранешните американски претседатели Барак Обама и Џорџ Буш изразија загриженост поради „моменталната политичка криза во САД“, јави Би-Би-Си.

Нивните коментари, медиумите ги оценуваат како критика на лидерството на актуелниот претседател Доналд Трамп.

Обама апелираше на Американците да ја отфрлат политиката на поделба и страв, додека Буш го критикуваше насилството и предрасудите во јавниот живот.

Поранешните претседатели на САД зборуваа на собири со граѓани, во пресрет на изборите за гувернер во сојузните држави Њу Џерси и Вирџинија, но ниту Обама ни Буш не го спомнаа името на Доналд Трамп.

Би-Би-Си коментира дека ретко се случувало поранешен претседател да критикува негов наследник, но дека „нормите на однесување се смениле во актуелното политичко опкружување“.

- Не можеме да ја имаме истата стара политика на страв, која ја гледавме во изминатите векови. Мислевме дека ја надминавме политиката која денес ја гледаме. Па дајте, 21 век е, а не 19, изјави Обама на собирот во Њу Џерси.

- Изгледа дека нашата политика е поранлива на теориите на завери и надворешни фабрикации. Постојат знаци дека интензитетот на поддршка на демократијата - опадна, посебно меѓу младите, истакна Буш на собирот во Њујорк.