Бизнис
18. January 2017 - 14:14

Преработувачката индустрија со поповолни очекувања за порачките и обемот на производство

Раководителите на деловните субјекти во преработувачката индустрија имаат поповолни очекувања за обемот на производството во наредните три месеци, а залихите на готови производи се намалени во однос на претходниот месец. 

Како што објави Државниот завод за статистика, очекувањата на раководителите се поповолни во декември 2016 година во однос на претходниот месец и за обезбеденоста на производството со порачки. 

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во декември 2016 година е речиси на еднакво ниво како и во претходниот месец, а многу поповолна е во однос на декември 2015 година. Оценката за бројот на вработените е дека ќе се зголеми. 

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во декември 2016 година изнесува 66,6 отсто од нормалното искористување. 

Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат  недоволната странска побарувачка со 22,8 отсто, недостигот на квалификувана работна сила со 19,6 отсто и недоволната домашна 
побарувачка со 19,3 отсто.