Свет
2. јуни 2016 - 10:09

Препораки на СЗО против ширењето на вирусот зика

Светската здравствена организација (СЗО) препорача дека луѓето кои се враќаат од патувања од подрачјата зафатени со вирусот зика, треба да практикуваат сигурен секс најмалку осум недели. 

Досегашната препорака беше четири недели.

- До промената дојде откако научниците открија дека вирусот подолго се задржува во крвата и во останатите телесни течности, отколку што досега се сметаше, изјави портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмејер.

Ако машкиот партнер во двојка која планира бременост има симптоми на зика, периодот на сигурен секс треба да трае шест месеци, додаде Линдмејер.

- Новите препораки го одразуваат тоа што го дознавме за болеста зика и нејзините компликации, нагласи тој.

Линдмејер рече дека научниците и натаму истражуваат колку долго вирусот се задржува во плунката, но тие тестови до сега биле нецелосни.

Вирусот зика главно го шират тигрестите комарци, но СЗО наведува дека има се повеќе докази кои потврдуваат дека преносот по сексуален пат е можен и многу почест од што се претпоставуваше.

Иако многу луѓе заболени од зика брзо заздравуваат, вирусот може да предизвика тешки деформации кај неродените деца.