Бизнис
19. November 2017 - 9:28

Пренамена на 1,6 милијарди денари помеѓу буџетските корисници

Со одлуката за прераспределба на 1,6 милијарди денари меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите, што ја усвои вчера Собранието, се крати од ставки кои нема да се реализираат, а тие средства ќе се користат за отплата на наталожени обврски.

Министерот за финансии Драган Тевдовски информира дека е предвидено исплаќање на неколку поголеми заостанати долгови: за големата концертна сала за Македонската филхармонија, за опрема во МВР, за градежни објекти во СОЗР, пред се објектот на Факултетот за драмски уметности, за Албанскиот театар во Скопје и театар и библиотеката во Тетово, за преведување и печатење на стручна литература, преводи на книги од реномирани автори и за бесплатни учебници. Со оваа отплата на дел од наследените долгови ќе се обезбедат заштеди во следните 10 години како резултат на избегнување на плаќање на камати и евентуални судски трошоци за ненавремено подмирени обврски, рече Тевдовски.  

Извор за покривање на овие долгови се предложените намалувања од позициите кај кои се забележува послаба реализација и каде е извесно дека планираните средства нема да бидат искористени во целост до крајот на годината. - Главна причина за ваквата реализација се специфичните услови во текот на оваа година, пред се политичката неизвесност во првата половина на годината, како и локалните избори во втората половина,  појасни министерот Тевдовски.

Илија Димовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека крајната цел на одлуката е во ред бидејќи со неа ќе се овоможи 50-ина милиони евра да влезат во стопанството. Но, како што наведе, одлуката е првата целосна дијагноза на Владата на СДСМ за слабостите во планирањето и реализирањето на средствата.

Васко Ковачевски од СДСМ, пак, оцени дека станува збор за добра, паметна и практична одлука на Владата и оти со неа ќе се искористат средства кои не можат да бидат употребени до крајот на годината и ќе се пренаменат во попрактични и поприменливи ставки, посебно во културата, здравството и образованието. - Ја поддржуваме ваквата одлука затоа што ќе имаме практична примена и ќе ги ослободиме дел од министерствата со преголемиот товар на обврски кои не можат да ги исполнат до крајот на годината, сега ќе добијат дополнителни средства и ќе ги наменат кон добавувачите, ќе се намалат можностите да се плаќаат дополнителни камати, извршни решенија, рече Ковачевски.