Македонија
27. November 2019 - 23:00

Премиерот Зоран Заев ја прими наградата „Иса-бег Исхаковиќ“ во Сараево

Премиерот Зоран Заев вечерва во Народниот театар во Сараево ја прими меѓународната награда „Иса-бег Исхаковиќ“ која им се доделува на странски државници за промоција на мирот, толеранцијата и разбирањето.

Според Комитетот за доделување на наградата, Заев не само што значајно ги унапредил односите во регионот на Западен Балкан, туки покажал и силно политичко лидерство во контекст на порешително приближување на регионот кон Европската Унија и НАТО.

Како што објави Радио-телевизија на Босна и Херцеговина, Зоран Заев изрази задоволство што Комитетот одлучил да му ја додели, како што рече, оваа важна награда со која Босна и Херцеговина ги одликува своите пријатели.

– Босна и Херцеговина тргна да бара пријатели и ме пронајде мене. Со мене го пронајде и мојот мултиетнички народ на Северна Македонија и за мене тоа значи уште посилно јакнење на врските помеѓу народите. Таа награда за мене е огромна, изјави Заев.

Знаејќи кој е претходно одликуван со оваа награда и за кои заслуги, Заев рече дека за него тоа е уште поголема чест, затоа што е препознат неговиот труд како млад политичар којшто работи на градење на пријателство и разбирање.
– Оваа награда е токму поради пријателството. Сараево е симбол за сите граѓани во регионот, пркосејќи им на војните и градејќи пријателства, во тој мултиетнички дел на Балканот  јас сум препознат како пријател, а всушност тие пријателства се нова надеж за подобра иднина која се гради на искуствата од минатото, нагласи Заев.

Претседателката на Комитетот за доделување на наградата, Адила Пашалиќ-Кресо, подвлече дека наградата им се доделува на личности кои претставуваат јавен, општествен и политички пример, напомнувајќи дека Заев е политичар кој може да им биде пример на политичарите на земјите од Балканот.

Свечената академија ја организираше Здружението „Клепсидра“ во кое членуваат еминентни претставници на академската заедница во БиХ. На доделувањето на наградата настапи оркестарот на Сараевската филхармонија, а присуствуваа претставници на институциите  на Босна и Херцеговина и на дипломатскиот кор во земјата.

Меѓународната награда „Иса-бег Исхаковиќ“  се доделува од 2008 година и досега ја добиле: Алија Изетбеговиќ, Иво Јосиповиќ, Колинда Грабар-Китаровиќ, Филип Вујановиќ, Борут Пахор, Хајнц Фишер, Реџеп Тајип Ердоган, Ивета Радичова, Ѓорге Иванов и Илхам Алијев.

По добивањето на наградата, премиерот Заев се заблагодари и на својот фејсбук-профил.

– Величествена е атмосферата во Народниот театар во Сараево, меѓу бројните академици, дипломати и видни гости од пријателска Босна и Херцеговина. Меѓународната награда „Иса-бег Исхаковиќ“ што ја добив вечерва за мене и мојот народ се чест и обврска да продолжиме да мотивираме и да ги зацврстуваме пријателства на Балканот, во регионот, Европа и светот. Благодарам пријатели од БиХ! Сè додека има прогресивни лидерства, искрени политики и потраги по пријателства, ќе има и пријателства. Верувам дека Европа ги препознава и ќе ги вреднува позитивните промени на Западен Балкан. Република Северна Македонија, а и земјите од регионот се пријател, ја заслужуваме поддршката од ЕУ и НАТО, објави Заев на фејсбук.