Македонија
30. July 2019 - 16:45

Премиерот Заев оптимист за Договор со ВМРО-ДПМНЕ, денеска ја отвори и опцијата за предвремени избори - го нуди октомври 2020

Октомври идната година е добар датум за предвремени избори. Премиерот Заев не го обесхрабруваат пораките на опозицијата која својата поддршка за Законот за обвинителството ја условува со датум за предвремени избори

Заев вели дека останува на црвените линии кои според него значат гаранција за иднината на предметите и на самото СЈО.

Оптимизам по вчерашната средба има и во Мала Речица.

Оптимизмот и во ДУИ и во СДСМ доаѓа откако вчера, преговарачките тимови на двете групи начелно се договориле околу концептот за финансирање на обвинителството но не и за конкретна сума на пари која ќе се издвојува како процент од буџетот како и за одговорноста при евентуални грешки на обвинителите.

Извори на Сител велат дека за разлика од претходните рунди, сега, паднал договор да почнат разговорите околу темите за кои партиите се блиску до договор за да се испрати порака пред граѓаните дека работите мрднале од мртва точка.

Следната средба е закажана за во четврток но на и на неа не се очекува да се разговара за кадровскиот состав на обвинителството и иднината на предметите на СЈО отворени по законскиот рок кои се очекува да бидат најголемата пречка која партиите треба да ја надминат за да стигнат до договор.

Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска го повторија ставот дека лидерска средба нема да има се додека не падне договор за предвремени избори. Октомври 2020 за нив е потврда дека премиерот попушта под притисокот од како што велат, серијата афери кои ја тресат власта

Доколку падне договор за избори во октомври два месеци пред редовниот термин догодина, согласно законот, мандатот на премиерот Заев ќе заврши кон крајот на јуни или почетокот на јули, а ВМРО-ДПМНЕ ќе добие технички министри во неколку клучни ресори.