Македонија
16. February 2019 - 19:31

Премиерот Заев очекува посета на Ципрас на Скопје оваа пролет

Договорот за решавање на долгодишниот спор со името меѓу Македонија и Грција треба да биде одличен пример за решавање на други слични спорови во светски рамки. Ова го истакна премиерот Заев на обраќањето на Безбедносната конференција во Минхен.

Според него, Македонија се движи во вистинскиот правец, а тоа го потврдува ратификацијата на Протоколот од НАТО. Се надева дека во јуни земјава ќе го добие долгоочекуваниот датум за почеток на преговорите со Европската унија.

Ципрас оваа пролет ќе стане првиот грчки премиер кој доаѓа во официјална посета во Скопје. Премиерот Заев во изјава за агенцијата ИБНА најави дека неговиот грчки колега во март или април ќе дојде во официјална посета, а потоа, Заев со владин авион на кој ќе пишува „Република Северна Македонија“ ќе оди во Атина.

На двајцата премиери им се доделува наградата „Евалд Фон Клајст“ за особен придонес кон мирот и безбедноста. Според Заев, наградата е позитивен пример кој му покажува на светот оти европските практики и однесувања може да се постигнат договори, дури и за чувствителни прашања.

Честитка за Преспанскиот договор, премиерите на двете земји добија од германската канцеларка, Меркел.

- Сакам да изразам честитки до двајцата протагонисти, Заев од Северна Македонија и Ципрас од Грција поради нивната храброст. Тие се доказ дека во секој конфликт може да се најде решение доколку се покаже храброст, истакна Меркел.

Рускиот министер за надворешни работи, Лавров, прашан за руското мешање во процесот со името рече дека не постојат факти кои докажуваат такво нешто. Потенцираше дека Западот не го почитува меѓународното право и работи согласно своите интереси.

-Канцеларката Меркел, американски секретар за безбедност, пет или шест топ лидери од Западот го посетија СКопје и јавно и отворено пропагираа да се гласа „За“ на референдумот. Доколку направевме една стотина од ова, ќе бевме под се повеќе и повеќе санкции и казни, истакна Лавров.

Владината делегација предводена од Заев оствари повеќе средби со високи политичари од Европската унија и САД.