Македонија
30. July 2019 - 16:39

Премиерот Заев најави укинување на квотите за лекови на рецепти

Пациентите ќе имаат лекови на рецепт во текот на цел месец, а не како досега само првите 10 дена. Премиерот најави укинување на квотите што ги добиваат аптеките и им вети на граѓаните дека нема да шетаат од една во друга општина за да ја најдат терапијата. Ова решение следува по минатонеделната најава на Заев дека нема лекови бидејќи има злоупотреби и криминал со нивното пропишување преку издавање на фиктивни рецепти и препродавање во земјата и странство.

-Наша асприрација е меѓу 1-ви септември и 1-ви октомври да ги пуштиме лековите компленто без квоти. Тоа е сериозен исчекор, државата влегува во сериозен ризик, но граѓаните ќе имаат лекови. Ако успееме да ги ставиме контролните механизми ние ќе стартуваме со еден ваков процес, така што суштината е буквално пораката – немојте да крадете од граѓаните и државата, затоа што без разлика кој во каков сегмент работи тоа е казниво по Кривичниот закон и се одговара со казна затвор,изјави Зоран Заев премиер.

Заев вели дека никој не смее да ги чепка парите што граѓаните ги уплаќаат во државната каса. Но за разлика од изјавата во Собрание дека има криминал со лековите на рецепт, денеска со променет став дека постоеле индиции за злоупотреби без да прецизира кои лекари и каде издавале фиктивни рецепти и за колку е оштетен фондовскиот буџет. Засега и обвинителството нема отворено истрага за овој случај.

- Реков јавно дека постојат сериозни индиции за злоупотреба  во делот на позитивната листа на лекови и издавањето на рецептите. И ние очигледно гледаме, дека генерално, во буџетот се повеќе се зголемуваат парите во делот на издавање лекови на позитивнта листа, а бројката или наталитетот во државата остануваат исти. Не обвиниваме никој, тоа може само истрагата да го потврди, виновен е оној за кој секако само докази ако има, вели Заев.

Од Фондот за здравствено осигурување овој период работат на контролни механизми за да нема злоупотреби со укинување на квотите, кои, пак беа воведени пред повеќе од 12 години. И фармацевтите велат дека решението е во интерес на пациентите а за аптеките значи поголема конкуренција.