Македонија
10. August 2018 - 16:16

Премиерот Заев ја убедува бугарската јавност дека пријателството е искрено

Пријателството и соработката меѓу граѓаните на Македонија и Бугарија се искрени. Доказ за тоа е фактот дека ние повеќе од една година чествуваме заеднички делови од историјата меѓу двата народи, напиша на својот ФБ профил Премиерот Зоран Заев, како одговор на реакциите во бугарската јавност по неговата изјава дека Илинденското востание е македонско.

Тој порача дека изминатиов период двете земји градат искрено пријателство, кое изминатите децении било изгубено, а таквата состојба претставувала загуба за двете земји.

Ние повторно го најдовме нашиот пријател и брат. Да не дозволиме да се враќаме назад. Тоа ни е обврска пред нашите деца. Некогаш можеби не сме доволно внимателни ние политичарите, некогаш правиме и грешки, но ве уверувам дека тоа е само невнимание, затоа што искрено сакаме соработка и пријателство како што тоа го потпишавме во договорот за добрососедство и пријателство, напиша премиерот Заев на ФБ.

Критиките кои изминативе неколку дена доаѓаа од бугарска страна кулминираа вчера со изјавата на премиерот на оваа земја Бојко Борисов, кој побара од неговиот македонски колега двапати да размисли пред да каже нешто.

- Ги оставам сите да ги премеруваат своите приказни, тоа е на негова сметка. Без разлика дали го кажал тоа намерно или ненамерно, се оди на негова сметка, бидејќи кога станува збор за ЕУ и ние мораме исто така да дадеме согласност, а ние  во тие моменти ќе се сетиме на тие работи. мој совет е да се биде повнимателен.

Претходно и лидерката на СПБ, Корнелија Нинова упати критики кон премиерот Заев, порачувајќи дека нејзиното лично пријателство со македонскиот премиер и соработката меѓу двете партии се едно, а историските факти се нешто друго, и тие мора да бидат почитувани.

Бранислав Јанески за Сител ТВ