Македонија
6. March 2018 - 22:23

Премиерот Заев го прими Јан Хекер, советник на канцеларката Меркел

Претседателот на Владата Зоран Заев вечерва го прими во посета Јан Хекер, советник за надворешна политика на канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, кој на средбата во кабинетот на Заев беше во придружба на германскиот амбасадор Томас Герберих.

- Хекер му пренесе поздрави на премиерот Заев во име на канцеларката Меркел, со порака дека Република Македонија и земјите на Западен Балкан се меѓу главните приоритети на СР Германија кога се во прашање европските политики на нејзината земја. Хекер му пренесе на премиерот Заев дека Берлин и понатаму внимателно ќе го следи процесот на разговорите за името на Република Македонија со Република Грција, и дека го охрабрува дијалогот од кој се очекува решение кој на Република Македонија ќе и го отвори процесот за членство во ЕУ, и дека ќе се оствари отворената покана за полноправно членство во НАТО како сојузници на СР Германија и другите земји членки, соопшти владината прес-служба. 

Заев - Хекер 2

Премиерот Заев го информирал советникот Хекер за претстојните чекори и средби во разговорите со Грција за прашањето за името, и дека досегашните постигнувања и, особено изградениот амбиент на доверба меѓу двете земји, го отвориле процесот за изнаоѓање заеднички прифатливо решение за ова прашање.

Заев го информирал Хекер и за динамиката на имплементацјата на реформските процеси и закони од Планот 3-6-9, како и за заложбите што се вложуваат во реализацијата на концептот „Едно општество за сите“.

- Претседателот на Владата Зоран Заев говореше и за комуникацијата со најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, и информираше дека во таа насока настојува да биде обезбедена редовна размена на информации и нормализација на парламентарниот процес, стои во соопштението од Владата.