Спорт плус
28. December 2015 - 19:33

Премиерот Никола Груевски ги додели признанијата Амбасадори на спортот

Поранешниот фудбалски селектор Андон Дончевски, најуспешниот македонски ракометар Кирил Лазаров, еден од најдобрите македонски одбојкари Јошко Миленковски и фудбалерот Агим Ибраими се именувани за амбасадори на спортот на Република Македонија.

Плакетите за именување на оваа почесна функција на четворицата спортисти и тренери со интернационална кариера денеска во Владата им ги врачи премиерот Никола Груевски. 

Дончевски, Лазаров, Миленковски и Ибраими едногласни дека титулата е големо задоволство и чест. 

За Дончевски таа ќе приодонесе многу да праќа квалитетни фудбалери од Австралија за да можат да го подобрат и квалитетот на фудбалот во Македонија.

- Ова е најпрестижно признание во мојот живот и претставува валоризација на трудот што сум го вложил во Вардар и за Македонија. Голема чест е што премиерот ми го даде ова признание и што се наоѓам меѓу великани - Кире, Јошко и Агим, рече Дончевски. 

Лазаров, кој е долгогодишен репрезентативец на Македонија, се заблагодари за укажаната доверба и нагласи дека и во иднина ќе ја презентира државата како спортски амбасадор во и надвор од земјата во најдобро светло како активен спортист, но и по активната кариера.

-  Македонија е спортска нација, македонскиот народ единствено може да го сплоти македонскиот спорт, а ние како избрани ќе се обидеме во уште поголеми размери да ја презентираме нашата земја во најдобро светло, рече Лазаров.

Миленковски, кој веќе пет години успешно го претставува македонскиот спорт во Турција, исто така посочи дека е голема привилегија да се биде во друштво со овие великани на нашиот спорт. 

И за Ибраими, чест е да го понесе ова признание. - Се надевам и верувам дека и во иднина ќе дадам се од себе да ја презентирам Македонија во најдобро светло, рече Ибраими.

Одлуката за доделување на оваа титула на четворицата спортиски и тренери е донесена на последната Владина седница.

Согласно Законот за спорт, титулата амбасадор на споротот им се врачува на истакнатите македонски спортисти и тренери за промоција и афирмација на Република Македонија во земјите каде што ја остваруваат својата спортска кариера или, пак, останатата спортска активност.

Доделувањето на титулата е на предлог на Агенцијата за млади и спорт утврден од Советот за спорт како стручно-советодавно тело. Таа е почесна и без паричен надомест, а амбасадорите на спортот имаат обврска да подготвуваат и извештаи за извршените активности за промоција и афирмација на спортот на Република Македонија до органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот.

Кирил Лазаров е најуспешен македонски ракометар, член на националниот тим во ракомет и носител на Национално спортско признание како најдобар голгетер на СП во ракомет со 92 гола. Во моемнтов, тој е член на ракометниот клуб Барселона од Шпанија и настапува во Лигата на шампионите, организирана од ЕХФ.

Андон Дончевски – најпознат македонски фудбалски работник од повозрасната генерација. Покрај својата долгогодишна успешна клупска кариера во рамки на националниот систем на натпревари организиран од страна на Фудбалската федерација на Македонија како тренер на шампионската генерација на ФК Вардар, е и прв селектор на македонскиот национален фудбалски тим, по осамостојувањето на Република Македонија. Неговата тренерска кариера ја продолжува во Австралија, како тренер на ФК Македонија Престон. Живее и се уште активно работи во Австралија.

Јошко Миленковски е еден од најдобрите македонски одбојкари и тренери. Покрај својата долгогодишна успешна клупска кариера во рамки на националниот систем на натпревари организиран од страна на Одбојкарската федерација на Македонија како одбојкар и тренер, бил и селектор на македонскиот национален одбојкарски тим. Во моментов, активно работи како тренер на одбојкарскиот клуб М.М. Пјанго од Анкара, р. Турција.

Агим Ибраими во моментов важи за еден од најдобрите македонски фудбалери, член на националниот тим на Македонија. Член е на ФК Марибор од Словенија.