Спорт плус
28. December 2015 - 17:09

Премиерот Никола Груевски ги додели признанијата Амбасадори на спортот

Премиерот Никола Груевски на Андон Дончевски, Јошко Миленковски, Кире Лазаров, и Агим Ибраими, им ги додели плакетите Амбасадори на спортот на Република Македонија.
 
За нивниот придонес во спортот, а преку него и афирмацијата на Република Македонија, Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска на Андон Дончевски, Јошко Миленковски, Кире Лазаров, и Агим Ибраими, им ги додели плакети на Амбасадори на спортот.
 
Согласно Законот за спорт, титулата амбасадор на споротот им се врачува на истакнатите македонски спортисти и тренери за промоција и афирмација на Република Македонија во земјите каде што ја остваруваат својата спортска кариера или, пак, останатата спортска активност.
 
Легендата на македонскиот фудбал и првиот селектор на Македонија, Андон Дончевски не го криеше задоволството за добиеното признание.  „Ова е најпрестижното признание кое сум го добил во животот. Со него го вреднуваат трудот кој сум го дал во Вардар и репрезентацијата на Македонија’’, изјави Дончевски.
 
На ваквото мислење на Дончевски се надоврза и поранешниот селектор на одбојкарската репрезентација на Македонија, Јошко Миленковски, кој подолг период работи во Република Турција. „Голема е привилегијата е да се биде меѓу овие врвни спортисти, легенди на македонскиот спорт. Веќе пет години го презентирам нашиот спорт, одбојката, во Турција. Мислам дека тоа го правам успешно, а се надевам дека ќе ги така ќе продолжам и во иднина. Задоволство е да се добие вакво признание, како валоризација за се она што го работам години наназад’’, изјави Миленковски.
 
Капитенот на ракометната репрезентација Кирил Лазаров дополни дека ова признание е дополнителен мотив и во иднина преку своите настапи ширум Европа и светот, ќе се труди во најдобро светло да ја претстави својата татковина. „Македонија е спортска нација. Македонскиот народ единствено може да го сплоти македонскиот спорт, а ние како избрани, ќе пробаме во уште поголеми размери да ја презентираме нашата земја’’, изјави Лазаров. 
 
Фудбалерот на словенечки Марибор, репрезентативецот на Македонија, Агим Ибраими. „Чест ми е што го добив ова признание и се надевам и верувам дека и во иднина ќе дадам се од себе да ја презентирам Македонија во најдобро светло’’.