Свет
5. December 2017 - 15:42

Премиерот на Либан ја повлече оставката

Либанскиот премиер Саад Харири денеска официјално ја повлече оставката, по постигнатиот договор со неговите политички противници.

Веста ја соопшти Харири, во кусо телевизиско обраќање, објавено по крајот на првата седница на Владата откако Либан влезе во политичка криза по ненадејната оставка на Харири на 4 ноември.

На седницата беше одобрена изјава, со која се повикуваат спротивставените либански групи да се дистанцираат од регионалните конфликти и внатрешните работи на арапските држави.

Првата владина седница раководена од Харири по оставката што ја објави од Саудиска Арабија пред еден месец, се одржа во претседателската палата во Бејрут, во присуство на либанскиот претседател Мишел Аун. 

Пред седницата, Харири и Аун разговараа зад затворени врати.