Македонија
30. September 2015 - 16:17

Премиерот Груевски на Самит на лидерите за борба против ИСИЛ и насилниот екстремизам

Коалицијата против Исламската држава доби три нови членки, со што 63 земји активно се вклучени против оваа терористичка организација. Под заседавање на американскиот Претседател Барака Обама во Њујорк се одржа Самит на лидерите за борба против Исламската држава и насилниот екстремизам, на кој учествуваше и македонската делегација преводена од Премиерот Груевски. Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски по Самитот изјави дека Македонија ќе продолжи да придонесува во активностите за субивање на тероризмот и обезбедувањето мир.

,,Имаме добра позиција како земја која има можност да придонесува и е дел од коалицијата во борбата против екстремизмот и различните манифестации на тероризмот. Во рамките на Обединетите нации, Македонија има добра позиција да ги афирмира овие цели и од улогата што ја имаме во регионален контекст како претседавач со Централно Европската Иницијатива. Мислам дека повеќето од дискусиите што досега се одвиваа и на билатерално и на мултилатерално ниво водат кон тоа дека ќе се очекува зголемен ангажман. Од македонска страна таква порака сигурно ќе произлезе и ние дополнително ќе бидеме поактивни во овој дел‘‘, изјави Попоски.

Конференцијата ја бојкотираше грчкиот премиер Алексис Ципрас поради именувањето на Македонија под уставното име од страна на организаторот САД и покрај инсистирањето на Атина земјава да биде присутна под времената референца. Но, на овој Самит, како и на претходниот грчките барања не беа прифатени, по што Грција, инаку во својство на набљудувач, не присуствуваше на состанокот на кој се договараа чекорите за борба против Исламската држава и насилниот екстремизам.

Американскиот Претседател Барак Обама, кој го отвори Самитот рече дека насилниот екстремизам не е поврзан само со една религија, но и дека треба да признаеме оти ИСИЛ ги регрутира муслиманите во светот, особено луѓето кои се збунети или имаат проблем со нивниот идентитет.

,,Како терористите и тираните низ историјата, Исламската држава со времето ќе загуби, бидејќи  нема што да понуди освен страдања и смрт. И кога ќе ги погледнете извештаите за тие што се ангажирани под нивна контрола, тоа е тежок и брутален живот што на подолг период не ги привлекува луѓето. Оттаму, ние на крајот ќе ги надјачаме, бидејќи сме водени од посилна и подобра визија: заложба за безбедност, можности и достоинство за секое човечко суштество. Но, тоа ќе бара, истрајност, фокусираност и непрекинати напори од сите нас‘‘, рече Обама.

За време на Самитот членките на коалицијата се заложија за поголема соработка во борбата против насилниот екстремизам, што значи и навремена размена на информации за движењето на странските борци.