Македонија
23. August 2015 - 14:55

Премиерот Груевски ги посети Моране, Студеничани и Долно Количани

Премиерот Никола Груевски денеска заедно со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и директори на повеќе јавни градски претпријатија го посети населеното место Моране во општина Студеничани каде имаше средби со жителите.

На барање на граѓаните премиерот Груевски го задолжи градоначалникот Трајановски да ја продолжи линијата на Јавното сообраќајно претријатие до центарот на Моране, а Трајaновски се заложи во најкус можен рок тоа да се реши.

Граѓаните се интересираа и за водоводната мрежа за која Градот Скопје и помага на општината за проектната документација, а преку Министерството за транспорт и врски обезбедија и изградија околу 1,2 километри од водоводната мрежа. Приклучоците се изведени надвор од асфалт, улицата е санирана, а општината треба да реализира дел од градежните работи по што ќе профункционира новата мрежа.

Се договори, исто така на барање на граѓаните, преку Министерството за транспорт и врски да се разгледа можноста да и се помогне на општина Студеничани да се изгради пречистителна станица, како и да се разговара со ЕВН Македонија да се надминат проблемите со снабдување со електрична енергија.

Премиерот Груевски го посети и населеното место Студеничани при што освен средбите со граѓани, ја посети и општината и оствари средба со претседателот на Советот Кенан Имери кој го информираше за општинските проекти и средствата кои преку Владата и ИПА програмата  се ставени на располагање и се користат во делот на патната инфрструктура и изградба на комунална мрежа.

Претседателот на Советот се заблагодари за средствата обезбедени од Програмата на Владата за поддршка на руралниот развој што ги доби општина Студеничани, а со кои, како што рече, ќе се финасира изградбата на три важни патни правци за Моране и Студеничани и две стратешки значајни улици со кои значително ќе се подобри поврзувањето на општината. Нагласи дека градежните работи почнуваат во октомври годинава.

Премиерот го посети и населеното место Долно Количани каде му беше посочено дека од голема важност за граѓаните е патното поврзување на општината. Градоначалникот Трајановски објасни дека најакасно до октомври ќе продолжи фазната изградба и проширување на булеварот „Борис Трајковски“ од Стаклара до Пинтија со четири коловозни ленти, како и градежните работи на булеварот „Србија“. Овие булевари, додаде, ги користат сите населени места во општина Студеничани.

Граѓаните побараа подобрување на водоводот и зголемент дотур на вода што, како што истакнаа, во повеќе наврати им било ветувано од општина Студеничани.

Премиерот Груевски истакна дека иако тоа е прашање во надлежност на локалната самоуправа градоначалникот Трајановски ќе оствари средба со градоначалникот на студеничани Азем Садики, кој во моментов е отсутен, за да ги разгледаат можните решенија на овој проблем. Тој посочи дека  ќе се завземе да се направи се што е можно да се надмине овој проблем иако, како што рече, во моментов не може ништо да вети додека не навлезе во проблематиката. Премиерот ја посети и џамијата во селото Долно Количани.

Пред месец дена во ова село со инвестицја на Град Скопје е направено и спортско игралиште за потребите на населението.