Македонија
15. April 2016 - 15:42

Премиерно прикажан петтиот и последен документарен филм од серијалот „Сведоци“

Петтиот и последен документарен филм од серијалот „Сведоци“ кој се состои од 42 интервјуа снимени со наши иселеници во Северна Америка, кои се потресно сведоштво за личната драма на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, денеска премиерно беше прикажан во Кинотеката на Република Македонија. Интервјуата се снимени во САД минатата година. 

Станува збор за последни снимени интервјуа од серијалот во рамки на владиниот проект „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање на видеоматеријали и разговори со Македонци протерани од Егејска Македонија во 20 век“.

Министерката култура Елизабета Канческа Милевска денеска пред почетокот на премиерното прикажување на  „Сведоци Америка“, последниот документарен филм од серијалот, изјави дека станува збор за значаен проект на Владата и Министерството за култура, реализиран во соработка со Кинотеката на РМ, Институтот за национална историја, Министерството за надворешни работи, здруженијата на Егејците протерани од Егејскиот дел на Македонија, како и други здруженија и институции вклучени во неговата реализација.

- Серијалот „Сведоци“ се однесува на документирање, евидентирање на видеоматеријали и интервјуа кои беа спроведени од страна на стручна екипа која одеше во неколку држави и континенти заедно со режисерите кои работеа на овие пет документарни филмови, а тоа се Атанас Чуповски и Марија Џиџева. Проектот се одвиваше од 2010 година и се спроведуваа интервјуа не само во Македонија, туку и во Америка, Австралија, Европа и Канада, рече Канческа Милевска.

Посочи дека сите 725 интервјуа кои ги добиле од наши Македонци кои живеат во овие држави, а кои ги има во документарните филмови за нивниот живот и периодот кога биле протерани во 20 век од Егејскиот дел на Македонија, се потресни интервјуа и соочувања на овие граѓани кои се се уште живи.

Таа рече дека тоа е еден навистина драгоцен материјал, историски вреден, културен материјал со огромна важност, кој верува дека ќе помогне и на голем број докторанти, магистранти кои работат на оваа тема, на Институтот за национална историја кој беше вклучен во проектот, како и на некои наши режисери кои можат да изработат игран филм.

- Сметам дека завршивме еден многу голем проект, многу значаен проект со една многу важна историска димензија кој верувам дека ќе даде една можност преку сите овие материјали кои се собрани, преку интервјуата, преку документарните филмови кои можат и граѓаните да ги проследат преку Македонската радио телевизија, сите овие соочувања да бидат едно сведоштво за македонскиот идентитет и за идентитетот на македонската држава, додаде Канческа Милевска.

Директорот на Кинотеката на Македонија, Бошко Грујоски изјави дека последниот дел од серијалот насловен „Сведоци Америка“ бил снимен во ноември 2015 година на неколку локации во САД. Потенцира дека се работи за 42 потресни сведоштва на Македонците протерани од Егејскиот дел на Македонија кон крајот на 40-тите години на 20 век.

Режисерката Марија Џиџева се заблагодари што ја добила довербата на Кинотеката на РМ за да ги работи овие филмови и можноста да погледне стотици интервјуа на наши деца бегалци кои имале од една до пет или десет години кога се случувала Граѓанската војна во Грција и колку тие потресни настани оставиле голем впечаток во нивниот живот.

Историчарот Теон Џинго, кој учествувал во правењето на интервјуата и кој е член на координативното тело на проектот, истакна дека многу е тешко да убедите соговорник да ја отвори својата душа и да каже низ сето тоа што поминал.

- Тоа не се убави настани, тоа се трагични ситуации кои се врежани во сеќавањата на тие луѓе. Секое нивно сведоштво од аспект на научник кога имаме недостиг на пишани документи, е од непроценлива вредност за нас историчарите. Секој нивен сегмент претставува еден дел од еден т.н. мозаик или иконостас на кој е врежана епопејата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, додаде Џинго и им се заблагодари на сите 725 луѓе кои учествувале во интервјуата.

Целта на овој значаен и капитален проект за историската вистина за Македонија и Македонците беше да се зачува културното и историско наследство од Егејска Македонија на протераните Македонци за време на граѓанската војна во Грција, како и националните културни вредности и интереси и културниот идентитет преку архивирање на животните приказни на Македонците протерани од Егејска Македонија во 20 век.