Македонија
13. April 2016 - 14:56

Премиера на „Вртелешка“ на Артур Шницлер во струмичкиот театар

В петок во 20 часот во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе се одржи премиерната изведба на претставата „Вртелешка“ работена по текст на австрискиот автор Артур Шницлер по режија и сценографија на Драгана Таневска, а во изведба на струмичкиот театарски ансамбл.

- Станува збор за провокативен автор, кој не е многу поставуван во Македонија, но кој како дипломиран доктор, а вљубеник во психологијата и Зигмунд Фројд, прави допир до есенцијалните човечки облици, рече на прес конференцијата директорот на театарот, Драган Маџиров.

Додаде дека ова е втора премиера на овој театар годинава, исто така и втора и на режисерката од тој ансамбл.

- Шницлер се занимава со психологијата и голема инспирација има од Сигмунт Фројд, бидејќи во сите негови драми отворено зборува за сексуалноста и антисемитизмот преку алузија и психологија допирајки до есенцијалните облица на човековата природа. Поради големата сексуалност и антиземитизмот, неговите текстови во триесеттите години на 20 век биле забранувани од нацистичките партии на Германија и Австрија, рече Маџиров.

Режисерката Таневска пак истакна дека станува збор за претстава за љубовта. 

- Претставата зборува за љубовта, за сето она што модерниот човек го избегнува во секојдневието. Општеството го тера човекот да биде брз, да нема време за подлабоки работи, и ја заборава љубовта и вистинските вредности. Нашата претстава зборува за љубов, за она што го тера човек да биде комплетен, вели Таневска.

Актерот и костимограф Ванчо Василев истакна дека во претставата го глуми ликот на младиот господар кој, како што рече, за него бил голема провокација да го одигра.

- Истовремено ги работев и костимите кои ја следат режисерската естетика која Таневска ни ја наметна. Се надевам дека ќе биде пријатно естеско доживување, рече тој

На денешната прес-конференција директорот Маџиров го најави дводневното гостување на театарот од Јагодина, Србија, во Струмица. Вечер со почеток во 20 часот гостите од Србија ќе ја изведат претставата „Машко-женски разговори“, а утре на пладне детската претстава „Фрази за куќни мази“.