Македонија
9. February 2017 - 13:34

Премиера на претстава за деца во Прилепскиот театар

Во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп в недела премиерно ќе биде изведена претставата за деца „Сонувачот, купувачот и уште нешто“ во режија на Игор Трпчески. Проектот е независен, во продукција е на Центарот за култура „Марко Цепенков“ и на Прилепскиот театар, во соработка со театарска работилница „Прилеп“ и младинското драмско студио „Чин 4, сцена 5“ .
 
На прес-конференција денеска беше посочено дека станува збор за детска претстава која не е стандардна, туку мултимедијална која го одразува модерниот, сегашен начин на живеење. Според режисерот Трпечски, кој ја води театарската работилница, претставата е убав поттик за реализација на независните проекти.
 
- Многу е битно тоа што независните продукции и невладините организации почнуваат да соработуваат со институциите што треба да стане практика. Среќен сум за убавата соработка со групата млади актери, а и за тоа што ова е праизведба на романот „Сонувачот, купувачот и уште нешто“ од Сузана Георгиеска како прилепски автор. Прво, мислев дека делото е погодно за филмско сценарио, но со помош на современите мултимедијални можности се надевам дека направивме добра претстава. Станува збор за детски роман во кој главниот лик презема чекори кои ќе му го променат животот но ќе му донесат и пораки како да стане подобар човек. Текстот, а и дејството, се во духот на денешното време на живеење и за денешната младина. Ова е претстава која говори за повеќе социјални теми и општествени прилики во кои се наоѓаме, рече режисерот Трпчески.
 
Според Сашо Нацески, кој го води младинското драмско студио „Чин 4, сцена 5“, неповторливо е искуството за сите што работеле на претставата.
 
- Соработката на драмските студија со институциите треба да биде иницијална каписла за тоа што значи иднината за театарот во Прилеп, а тоа се младите, талентирани актери. Овие активности се поклопуваат со 10-годишнината од постоењето на младинското драмско студио „Чин 4, сцена 4“, рече Нацески.
 
Во претставата играат: Никола Ангелоски, Димитар Ѓорѓиевски, Марија С. Илијески, Александар Тодески, Сара Спиркоска, Надица Дојкоска,  Елена Соколоска, Евгенија Јакимоска, Илија Волчески, Марио Велковски, Фиона Мирческа и Дамјан Макешоски. Сцената и костимите се на Бојана Артиновска-Трпческа,  музиката е на  Томе Темелкоски, а видеото е на  Саша Нацески.
 
Директорот на Центарот за култура „Марко Цепенков“ Тони Чатлески рече дека со оваа претстава Прилепскиот театар и Центарот ја почнуваат годинашнава театарска сезона.
 
- Сезоната оваа година ја почнуваме со оваа детска претстава како независен проект, а потоа ќе се работи на трите претстави, одобрени и финансирани од Министерството за култура. Конкретно, во тек се подготовките за комедијата „Ништо без Трифолио“ според текстот на Русомир Богдановски, во режија на Коле Ангеловски. Кон крајот на годинава е уште една детска претстава во продукција на Центарот за култура „Марко Цепенков“ и на театарот „Војдан Чернодрински“, соопшти Чатлески.