Македонија
11. April 2019 - 10:32

Премиера на филмот „Незаборавена пролет во заборавено село“ вечерва во Кичево

Филмот „Незаборавена пролет во заборавено село“ во режија на Куштрим Бектеши ќе биде премиерно прикажан вечерва во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево.

Филмот е во продукција на Мануфактура со продуцент Сашо Павлоски , во копродукција на Медиа-филм со продуцент Мумин Јашари од Косово, од Скан-дал продукција од Албанија со продуцент Генц Пермети и Скупи фестивал со продуценти Музбајдин Ќамили и Осман Ахмети. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, Центарот за кинематографија на Косово, Националниот центар за кинематографија на Албанија, РТК, МРТ2 и АРТ.

Во филмот се вклучени голем број на глумци од нашата држава, Косово , Албанија и Бугарија.

– Филмот е снимен во селото Ѓономал во Корча, Албанија, а се работи за вообичаениот живот и спокојството на едно „заборавено село“ што драстично се менува со доаѓањето на три проститутки во селската кафеана. Мажите од ова село постојано, и покрај противењето на жените, времето го минуваат во кафеаната. Хаос владее во училиштето, а селскиот оџа го губи авторитетот. Од оваа ситуација само двајца профитираат, реализирајќи ја нивната љубовна врска што им е забранета од нивните родители. На крај, жените од селото ја палат кафеаната и потоа навидум селото се враќа во нормала, објаснува Маја Николоска Силјаноска од Центарот за култура, информирајќи дека филмот ќе се прикажува секоја вечер во 21 часот се до 14 април , додека пак билетите ќе можат да се купуваат на билетарата на центарот на два часа пред почетокот на филмот.