Македонија
11. February 2016 - 14:53

Прелиминарна распределба на 25 социјални станови во Демир Хисар

За 25 социјални станови во Демир Хисар изградени преку државното станбено претпријатие денеска беше извршена прелиминарна распраделеба. На објавениот оглас од Министерството за транспорт и во предвидениот рок биле пријавени 52 семејства, а валидна документација доставиле 30 лица. По деталната контрола од надлежната комисија ќе биде објавена конечната листа.

- Постојано се залагаме за подобрување на условите за живот, подеднакво за сите граѓани во Република Македонија. Поседување постојано живеалиште е елементарен услов за подобар живот. За таа цел како Влада континуирано работиме за да овозможиме полесен пат до стекнување на дом на сите групи на граѓани. Досега успеавме на над 600 семејства да им овозможиме постојан покрив над главата со што го решивме едно од најважните прашања во нивниот живот, истакна на настанот за распределбата на становите министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Според Мисајловски, сите имале еднакви шанси за добивање социјален стан, а денешната јавна распределба е прелиминарна и не е конечна. - Поточно сите лица кои системот ќе ги покаже како добитници на социјален стан не значи дека ќе бидат и нивни конечни добитници бидејќи комисија составена од вработени во министерствата за транспорт и врски и за труд и социјална политика ќе изврши детални контроли на лицата кои се наоѓаат на прелиминарната листа, појасни Мисајловски.

Директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов потенцира дека зградата со 25 станови во Демир Хисар е изградена според ИСО стандарди и со енергетска ефикасност, истакна директорот на 

- Корисниците на становите ќе имаат обврска да плаќаат симболичен надомест закупнина од 15 денари од квадратен метар. Се обврзуваме да склучиме договори со корисниците на становите односно да бидеме нивни сервис кој ќе им излезе во пресрет за отстранување на различни дефекти кои би се појавиле во зградата. Инаку во овој момент градиме зграда во Кочани, Македонски Брод, а ќе биде ставен камен темелник на зграда со социјални станови во општина Гостивар, најави Грозданов.

Според градоначалникот на општина Демир Хисар, Љупчо Блажевски, изградбата на зградата во Демир Хисар е голема новина за локалното население бидејќи последната зграда во таа општина била изградена во 1985 година.

На огласот што Министерството за транспорт и врски го објави во октомври минатата година, право на учество имаа деца без родители или родителска грижа, корисници на социјална помош, лица погодени од елементарни-природни непогоди, инвалидни лица, лица припадници на ромската заедница, социјално загрозени согласно стратегијата за Ромите на РМ, самохрани родители и слепи лица корисници на социјална или постојана парична помош.