Свет
21. February 2021 - 18:30

Прелиминарен извештај на СЗО за потеклото на коронавирусот

Прелиминарниот извештај на Светската здравствена организација (СЗО) за потеклото на коронавирусот ќе препорача пообемно пребарување на контактите на првиот познат пациент заболен од Ковид-19 во Вухан, Кина, како и синџирот на снабдување на речиси десет трговци на пазарот за морска храна во Хуанан, за кои се смета дека имаат улога во раното ширење на коронавирусот кон крајот на 2019 година.

Како што изјавија за Си Ен Ен истражителите запознати со предлог-извештајот, на кинеските научници им биле потребни многу месеци за да ги извршат почетните истражувања за потеклото на вирусот.

Тие сметаат дека е изненадувачки и неверојатно што кинеските научници не ја завршиле веќе таа работа.

Препораките на комисијата ќе се осврнат, меѓу другото, на две клучни линии на истрага, велат истражителите, запознаени со прелиминарниот извештај.

Прво ќе побараат натамошна работа околу историјата на контакти на пациентот од Вухан, кој се разболе на 8 декември 2019 година, што е прв случај, кого кинеските научници и панелот на СЗО го наведоа дека се разболел од Ковид-19.

Идентитетот на пациентот не е јавно откриен, но според истражителите на СЗО, станува збор за канцелариски работник на 40-годишна возраст, кој не патувал на егзотични дестинации или имал историја на контакти, а живеел со сопругата и детето.

Во прелиминарниот извештај што ќе биде презентиран следната недела, СЗО исто така ќе препорача непосредна истрага за синџирот на снабдување со морска храна во Хуанан, велат истражувачите запознаени со предлог-документот.

Шефот на мисијата на СЗО Питер Бен Ембарек одби да ги коментира деталите за кое било натамошно пребарување или тестирање на контактите кои се потребни.

Тој за Си Ен Ен изјави дека се потребни дополнителни истражувања.

Други научници изразија изненадување, па дури и неверување дека Кина очевидно не извршила натамошни истраги, како за историјата на контакти на првиот пациент, така и за синџирот на снабдување на пазарот во Хуанан, кои биле побарани од СЗО.