Бизнис
15. September 2019 - 16:39

Преку стратегијата за рамномерен регионален развој ќе се бара решение и за иселувањето од истокот

Намалување на диспаритетите во 8-те плански региони во однос на економскиот развој, социјалата и животната средина, се главни предуслови за подобрување на стандардот на населението и спречување на миграциониот процес од истокот на земјата. На меѓународната конференција во организација на Центарот на развој на источниот плански регион, беа разменети искуства и добри пракси со колегите од соседните земји, а заклучоците и препораките од дискусиите ќе се инкорпорираат во 10 годишната стратегија за рамномерен регионален развој.

-Да видиме што е она што било добро, да продолжиме во таа насока, што е она каде сме покажале слабост и како држава и како региони и како општини да го корегираме- изјави Дејан Павлески, заменик министер за локална самоуправа.

-Навистина тоа се убави искуства, кои не мотивираат да работиме посериозно по посветено и одредени одлуки за кои имаме дилеми, да ги донесеме посилно, како тие што велат, носете ги тие одлуки денес, а не утре, е многу важна поддршка што ја добиваме од нивна страна-изјави Николчо Илијев, претседател на Советот н градоначалници од источниот плански регион.

Општините од Истокот, имаат 98 % на реализација на проекти од прекуграничната соработка со Р. Бугарија. Праксата покажа дека, европските средства не се доволни и затоа мора да се бараат други извори на финансирање.

-Да се организираат повеќе заеднички бугаро-македонски фондови, кои ќе го помогнат бизнисот и ќе допринесат при решавање на секојдневните проблеми на луѓето во двете држави- изјави Владимир Москов, градоначалник на Општина Гоце Делчев, Република Бугарија.

Од друга страна, посебно младите треба да се охрабрат да иновираат идеи за отпочнување сопствен бизнис, а за валоризација на производите да се работи во насока на брендирање на регионите.