Македонија
5. February 2021 - 8:34

Преку КОВАКС за Македонија 103.200 вакцини против Ковид-19, испораката кон крајот на февруари

Преку КОВАКС механизмот, Македонија ќе добие 103.200 дози вакцини против Ковид-19, од вкупно 337,2 милиони, кои оваа Иницијатива на ОН планира да ги испорача во првата половина од годинава во 145 земји во светот.

КОВАКС ќе покрие трошоци за набавка на вакцините за 92 сиромашни земји, додека другите ќе ги добијат по пристапни цени.

Според Ан Линдстранд од СЗО, испораките би можеле да почнат кон крајот на февруари.

Земјите ќе добијат дози пропорционално на бројот на населението.

Најмногу ќе добие Индија (97,2 милиони), потоа Пакистан (17,2 милиони), Нигерија (16 милиони), Индонезија (13,7 милиони), Бангладеш (12,8 милиони), Бразил (10,6 милиони), Кенија (4,2 милиони), Судан (3,4 милиони), Јемен (2,3 милиони) и Сирија (1,02 милиони)

Меѓу земјите во регионот, Србија ќе добие најмногу – 345.600 дози, потоа Босна и Херцеговина – 177.000, Албанија – 141.600, Македонија – 103.200, Косово 100.800 и Црна Гора 84.000 дози вакцини.

Министерот за здравство Венко Филипче завчера најави дека месецов вакцинацијата ќе почне со 200.000 кинески вакцини. Датумот на испорака на вакцините ќе биде познат деновиве.

Додека се чекаат вакцините, состојбата со КОВИД-19 во државата и натаму се стабилизира. Вчера беа регистрирани 373 нови случаи од 2107 тестирања. Починаа седум лица, а регистрирани се 638 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 463.957 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 93.882, бројката на оздравени пациенти е 83.424, на починати е 2.900, а бројот на активни случаи изнесува 7.558. Најмногу активни случаи има во Скопје-3802, во Охрид – 411, Кавадарци – 379, Куманово – 311. Во другите градови во моментов има под 300 позитивни на коронавирусот.
 

На инфективните оддели во земјава се лекуваат 560 пациенти со Ковид-19. Во ковид – центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 326 пациенти, а во Скопје 234 лица. Во болниците има околу 580 празни болнички кревети.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 77 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежи 81 пациент, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 12 пациенти. Вчера имаше околу 90 слободни места во болниците во главниот град.

Покрај стабилизирањето на состојбата со коронавирусот, критична е ситуацијата во Клиниката за нефрологија каде што во моментов има 32 здравствени работници заболени од Ковид-19.

Двајца од нив се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а еден техничар е хоспитализиран на Клиниката за кожни болести.

-Работењето на Клиниката за нефрологија се одвива регуларно и нема никаков застој во извршување на тековните обврски. За сите кои отсуствуваат има дополнителен кадар кој го надополнува отсуството, информираа вчера од Министерството за здравство.

Центарот за координација на евро-атлантскиот одговор на катастрофи на НАТО (EADRCC) вчера донираше 60 комплети опрема за вентилатори на Министерството за здравство, овозможена со финансиска поддршка од Чешка, Литванија, Холандија, Велика Британија и САД.

– Следната недела, комплетите ќе бидат дистрибуирани до локалните болници каде претходно беа донирани 60 вентилатори, со испораката на 30 октомври 2020 година, објави НАТО на својата веб страна.

Опремата е наменета за КОВИД-19 болниците во Скопје, Тетово, Штип Битола, Охрид и Прилеп.

Вчера јапонскиот амбасадор Хиронори Савада и економската директорка на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Мирјана Печевска Поп-Илиев во присуство на министерот за здравство Венко Филипче потпишаа договор за јапонски грант, со кој Клиниката за инфективни болести ќе добие машина за рециклирање медицински отпад. Со таа машина ќе се зголеми безбедноста на медицинскиот персонал и пациентите преку итно безбедно отстранување на инфективниот и опасен отпад.

Министерот Филипче изрази благодарност за поддршката што Јапонија и ја дава на нашата земја години наназад, посебно во овие клучни моменти во ковид пандемијата.

Благодарност до јапонскиот народ и амбасадата изрази и економската директорка на Клиниката, Печевска Поп-Илиев.

– За нас како Инфективна клиника која цела година стои исправено во првата борбена линија со Кoвид-19, секоја поддршка е од огромно значење. Посебно ваков специфичен проект што го подготвивме во најголемиот ек на пандемијата во мај 2020 година, беше предизвикувачки за нас, особено заради тоа што бевме свесни за неговата важност, рече Печевска Поп-Илиев.