Бизнис
29. August 2019 - 19:29

Преку државната ,,ЕСМ‘‘ владата се вклучува во трка за учество во ,,Белене‘‘

Државата преку ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) влегува во трка за малцински удел во Нуклеарната централа Белене. Откако покажа интерес за учество во изградбата на Белене, земјава и официјално учествува на јавниот повик за содружници, распишан од Бугарската национална енергетска компанија - НЕК. Со оглед на тоа што околу 25% од потребите за електрична енергија се обезбедуваат од увоз, надлежните сметаат дека инвестирањето во Белене би ја намалила зависноста од увоз на струја.

“Го задолживме ЕСМ и веќе достави писмо за интерес дека ние како држава сме заинтересирани да учествуваме како содружници во изградба на Белене до 10% од инвестицијата и за снабдување со електрична енергија што ќе се генерира во таа електрана до 10%. Зошто го правиме ова? Ова го правиме имајќи предвид заложбите на Владата, но и обврските што произлегуваат од ЕУ за да го преориентираме генерирањето електрична енергија од конвенционално во обновливи извори”, објаснува министерот за економија Крешник Бектеши.

Европската стратегија за енергетика налага постепено напуштање на јагленот како извор за добивање електрична енергија, поради високиот степен на загадување на околината. Покрај обновливите извори и нуклеарната енергија е еден од начините да се постигне таа цел.

“Инвестирањето во Белене значи сигурност во снабдувањето со електрична енергија, значи доверливост, но истовремено значи и заштита на животната средина имајќи предвид дека ние моментално задоволуваме 75% од потребите на потрошувачката на електрична енергија во нашата држава. Со тоа може да достигнеме и потполно задоволување на потребите на потрошувачката на електрична енергија во нашата држава”, вели министерот Бектеши.

Откако Бугатија ќе ги соопшти условите за стекнување малцински удел, земјава ќе направи дополнителни анализи и ќе донесе конечна одлука за тоа дали ќе учествува во изградбата на централата, од каде ќе може и да се снабдува со електрична енергија. Според проекциите, Белене треба да се изгради за 10 години.