Македонија
22. February 2016 - 14:56

Прекршочни пријави за поединци и угостителски објекти во Охрид и Струга

Прекршочни пријави поднесени против поединци и сопственици е епилогот на акцијата што полицијата во координација со Управата за јавни приходи и со Државната пазарна инспекција викендов ја спроведе во угостителски објекти во Охрид и Струга.

Со акциските контроли биле опфатени дваесеттина кафе-барови и ноќни клубови, со цел да се провери дали уголстителските објекти ги почитуваат одредбите од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, Законот за заштита од пушење, Законот за угостителска дејност, Законот за туристичка дејност, како и по други законски основи од Кривичниот законик.

Според полициското соопштение, акцент бил ставен врз контролата за присуство на малолетни лица во угостителски објекти по 24 часот и точење алкохол на малолетни лица.

Во еден угостителски објект на улицата „Јане Сандански“ во Охрид затекнат е малолетник кој конзумирал алкохолен пијалок. По овластување на Јавниот обвинител, шишето со пијалок е фотографирано и подигнато за вештачење на течноста во него. Во угостителски објект на улиците „Димитар Влахов“ во Охрид и „Пабло Неруда“ во Струга, констатирани се прекршоци односно овозможување присуство на малолетни лица во угостителски објект после 24 часот. Во неколку други угостителски објекти регистрирани се прекршоци во однос на Законот за заштита од пушењето.

Акциските контроли биле спроведени со цел подигнување на безбедноста и доследно почитување на законските одредби, стои во полициското соопштение од СВР - Охрид.