Македонија
4. March 2017 - 16:36

Прекршочна пријава за домот за стари лица од Радишани

Домот за стари лица Бранкица во Радишани, покрај одземање на лиценцата, заработи и прекршочна пријава од Министерството за труд и социјална политика. Деновиве ќе биде ставен клуч на врата на оваа установа, по сторијата за пензионираниот полицаец Владо Петковски и бројните неправилности откриени од инспекторите. Надлежните апелираат до семејствата чии членови во моментот се во домот Бранкица да бидат спокојни бидејќи имаат решение за нивно згрижување.

-Во понеделник, сега нема да го кажам домот, но ќе најдеме односно обезбедиме нивно преземање и соодветно згрижување. Очеркувам наредната недела да заврши целата постапка и одземање на лиценцата за работа на домот Бранкица, изјави министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Во 23 домови за стари лица во државата во тек е вонреден инспекциски надзор. Случајот со Бранкица за ресорното министерство бил доволен поттик дека контроли се неоходни. Дали и какви неправилности има ќе соопштат по комплетирање на извештајот. Во меѓувреме, семејства кои имале лошо искуство со домот најавија дека правдата ќе ја бараат до крај.

-Треба да биде казнет, да си ја плати казната и да му се одземе лиценцата. Не е за секој да држи дом,  изјави 44 годишна скопјанка.

По обвинувањата на Зорка Петковска, дека нејзиниот сопруг Владо за три дена колку што престојувал во домот бил малтретиран и изгладнуван, инспектори од труд и социјала со денови беа во контрола.  Ги потврдија обвинувањата на семејства дека пелените за еднократна употреба ги перат сушат и повторно употребуваат, но  и дека немало минимални услови за згрижување и нега на стари лица.