Македонија
3. December 2019 - 16:42

Прекините во снабдувањето со струја го урнаа системот ,,Мој термин‘‘

Прекинот на електрична енергија во половина Скопје го урна МојТермин во здравството. Речиси во сите амбуланти на скопските клиники комјутерите се исклучиле и закажаните пациенти морале да чекаат за да добијат лекарска услуга.

Во Клинички и синоќа немало струја неколку минути што беше причина за бројни коментари по социјалните мрежи дека операционите сали додека биле правени хируршки интервенции останале во темница со што биле загрозени животите на пациентите. Од скопските клиники демантираат дека настанал хаос бидејќи по прекинот на електрична енергија на интензивните одделенија веднаш се вклучиле агрегати. И од  Клиниката за Гинекологија и акушерство уверуваат дека биле безбедни сите бебиња сместени во инкубатор.

-Напоменуваме дека сите новороденчиња на одделението за интензивна нега и терапија се стабилни. На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство има повеќе механизми за заштита и безбедносен систем, а секој витален апарат е поврзан на UPS, опција која е во функција додека не се вклучи агрегатот, вели Драгана Букилица од ГАК.

Немало застој и со зрачната терапија која ја добиваат малигно болните. Директорот на  Онкологија вели дека овие три години додека е директор ова е прв пат да останат без струја.

-За среќа се погоди за време на паузата што е на клиника. Кај нас апаратите за зрачење се приклучуваат на агрегати кога снемува струја. Паднаа комјутерите што се за мој термин и за водење на терапијата, и тоа малку, додуша им кажавме на пациентите дека нема струја и немаше нервози, вели др. Нино Васев директор на Клиника за онкологија.

Според информации од Клинички, амбулантите денеска ќе работат со продолжено работно време за да ги завршат сите закажани пациенти.