Прекинат тендерот за набавка на тестови и реагенси за лабораториски анализи | Сител Телевизија
Македонија
23. July 2018 - 11:32

Прекинат тендерот за набавка на тестови и реагенси за лабораториски анализи

Поради пoстоење одредени неправилности во документацијата на што укажа првичната евалуација, одлучивме тендерската постапка за набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки и гасни анализи да ја прекинеме.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека на тендерот се јавила само една фирма и дека во овој период интензивно работеле на евалуација на понудата.

- Во следниот период ќе продолжиме со имплементација на планот за централизација, а со тоа и обезбедување на големи заштеди во овој дел од набавките, рече Филипче и ги повика и компаниите кои работат во оваа сфера да ги намалат цените на реагенсите, зашто, како што рече, имале разговори заради тоа што пазарните вредности се многу помали од тоа што сега во моментов се користи. 

Тој нагласи дека и во иднина ќе продолжат да работат во насока на подобрување на здравствениот систем, да имплементираат европски систем и стандарди, а се во интерес на здравјето на граѓаните.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека во следните постапки ќе ги имплементираат сите искуства кои ги собрале во прекинатата постапка со цел да не се соочат со истото.

- Сакаме овој модел да успее заради тоа што знаеме дека креира заштеда, ја подобрува функционалноста и сервисот на нашите граѓани. Во таа насока ќе одат следните постапки, истакна Филипче.

На прашање кога ќе биде распишан нов тендер посочи дека се ќе биде согласно законот за јавни набавки и во меѓувреме активно ќе работат на подготовки на постапката. Потенцира дека постапката е целосно отворена и во секој момент може да присуствуваат сите заинтересирани и во секоја фаза.

- Притисок апсолутно немаше. Сметаме дека е некоректно и дополнително прави сомнеж кога има само еден понудувач во оваа тендерска постапка, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.