Бизнис
17. јуни 2020 - 16:43

Прекин на градежните работи на пругата кон Бугарија

Стопирани градежните работи на железничката пруга Куманово-Бељаковце. Работниците велат дека од петокот единствени активности на терен се собирање на механизацијата и правење попис од страна на изведувачот, германската компанија Вибе. Вработените велат дека не зеле плата за април и мај, а поради доцнењето сега веќе немаат ниту здравствено осигурување.

 “Последните недела дена не работиме, си ги собраа сите машини. Од 15-ти е прекинат договорот меѓу Вибе и Македонски Железници. Машините, еве гледате и сами, останаа само на Вибе, а подизведувачите сите си заминаа. А, ние работниците, мора да доаѓаме уште на работа, договорот ни важи. Не сме зеле еве два и пол месеци плати, имаме одмор, имаме меѓу 300 и 400 прекувремени работни саати. И тоа не ни е платено. Се работеше по 10 саати и сабота и недела. Нема никој сега од Германците и кој да нè исплати? Не знам што ќе биде. Оставени сме на цедило, никој ништо не ни кажува”, вели работникот Зоран Крстевски.

“Машините се стопирани, подизведувачите се тргнати. Нема никој ништо, само така доаѓаме секој ден, си седиме и ќе дојде времето ќе си одиме и толку”, вели работникот Бобан Величковски.

Сите обиди да стапиме во контакт со менаџментот на компанијата беа неуспешни. Единствениот одговор што успеавме да го добиеме од дел од раководството е дека немаат коментар.

До овој момент од Македонски Железници Инфраструктура не добивме одговор дали е точно дека е раскинат договорот со изведувачот.

Надлежните очекуваат пругата до Бељаковце, делница долга 31 километар, да биде завршена најдоцна до почетокот од идната година, а целосно железничко повезување со Бугарија би се реализирало за најмалку 4 години.