Македонија
27. May 2018 - 16:09

Преговорите за името тема на состанокот на шефови на дипломатиите во Брисел

Напредокот во преговорите со Грција ќе биде главна тема на утрешниот Совет на министрите за надворешни работи во Брисел. На редовниот министерски состанок на неколку недели пред јунскиот самит на кој треба да се одлучува по препораката за Македонија, високата претставничка за надворешна политика на Унијата, Федерика Могерини ќе ги брифира министрите на сите земји членки за тоа како напредуваат преговорите.
Според најавите кои се уште не се официјално потврдени шефовите на македонската и грчката дипломатија, Димитров и Коѕијас треба да ги продолжат разговорите по преговарачката рунда во Њујорк.
Според информациите кои ги објави МНР, Коѕијас и Димитров ќе присуствуваат и на заеднички појадок на кој сите министри за надворешни работи на земјите членки на унијата ќе можат да добијат информации за текот на преговорите.

Министерскиот совет доаѓа на само неколку дена откако во јавноста беше објавен нон пејперот со кој неколку земји членки на Унијата изразуваат резерви во однос на можноста на Македонија да и се даде датум за старт на преговорите ова лето дури и во ситуација доколку се најде решение на проблемот со Грција. Во неофицијалниот документ се потенцираше недостатокот на реформи и немањето капацитет на државата да се справи со криминалот и корупцијата.
Од Владата вчера излегоа со став дека не се загрижени бидејќи како што велат, реформите се спроведуваат што ги прави убедени дека доколку се реши спорот со Грција, Македонија на крајот од идниот месец ќе добие датум за старт на преговорите.

Доколку Македонија и Грција не го решат прашањето за името ова лето, шефот на грчката опозиција кој има реални шанси да дојде на власт по наредните избори кои би можеле да се случат многу брзо, во интервју за грчката телевизија Скај најавува дека нема да брза со решение на спорот.

Дваесет години живееме со овој проблем, со ова нерешено прашање, според тоа можеме да живееме уште 2-3 години. Доколку јас имам политичка одговорност, проблемот ќе се реши, кога ќе оценам дека ова решение ќе им служи на националните интереси Јас никогаш не сум рекол дека ние не сакаме решениено потребно е тоа да биде согласно со грчките услови

Димитров и Коѕијас последен пат се сретнаа во Њујорк каде пред медијаторот Нимиц, македонската страна го стави на маса предлогот Илинденска Македонија кој Грција експресно го одби. Дел од грчките медиуми објавија дека двете страни се доближиле околу името Северна Македонија додавајќи дека средбата во Брисел би можела да направи крупен чекор напред кон финално решение кое би овозможило Ципрас и Заев да си подадат рака кон средината на идниот месец.