Балкан
16. November 2015 - 9:30

Преговорите меѓу Грција и кредиторите завршија без договор

Грција и нејзините меѓународни кредитори не успејаа да постигнат конечен договор по 17-часовните преговори, кои завршија рано изутринава, бидејќи двете страни не се согласиле околу спорното прашање за лошите банкарски кредити.

Консултациите ќе продолжат и денеска, а постои голема веројатност да се одржи и ново советување на грчкиот економски тим со премиерот Алексис Ципрас.

Според извори од грчкото Министерство за финансии, Атина и кредиторите постигнале согласност за измените поврзани со раководствата во банките и улогата на грчкиот фонд за финансиска стабилност, односно неговата рекапитализација.

Минатиот понеделник министрите за финансии од еврозоната на средба во Брисел соопштија дека очекуваат најдоцна на почетокот на оваа недела компромис за одобрувањето на 12 милијарди евра помош за Грција.