Македонија
22. July 2020 - 12:27

Преговори за нова Влада по Илинден

Цела недела по крајот на изборниот процес се уште не се гледаат ниту контурите на новото владејачко мнозинство. Двете најголеми партии најавуваат дека ќе формираат Влада и бараат реформи во спротивниот табор.
Вчера Централниот комитет на опозициската партија и официјално го овласти Мицкоски да преговара за формирање на новото мнозинство. Од партијата објавија дека на седницата опозицискиот лидер најавил дека направи се што е во негова моќ да обезбеди поддршка од 61 пратеник, но не по секоја цена.
По завршувањето на седницата од ВМРО-ДПМНЕ објавија дека највисокото партиско тело донело одлука за измени на партискиот статут со кои се укинува позицијата почесен претседател во партијата која до вчера ја држеше екс премиерот Никола Груевски.

Без многу информации и во СДСМ. Лидерот Заев вчера во интервју за А1 он најави дека неговата партија ќе ја формира Владата изразувајќи надеж дека концептот кој СДСМ го промовира ќе и обезбеди на партијата најголем коалициски капацитет. Заев рече дека интензивирање на преговорите треба да се очекува по крајот на илинденските празници.
Не брзаат ниту во ДУИ. Од партијата велат дека остануваат на концептот за Албанец премиер за што водат преговори со останатите партии во албанскиот политички блок. Таму пак, Алијанса веќе излезе со став дека нема намера да коалицира со ДУИ и се надева дека интегративците оваа есен ќе се преселат во опозиција.
Против коалиција со СДСМ се изјасни и лидерот на партијата Левица а без став е и Тачи кој е единствениот пратеник од својата партија во Собранието.

Според се уште неофицијалните конечни резултати на ДИК, СДСМ и БЕСА имаат 46 мандати, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата два помалку, 15 столчиња се резервирани за ДУИ, 12 за коалицијата на Села и Гаши, 2 за Левица и едно за Тачи.
За формирање на Влада на новиот мандатар ќе му бидат потребни најмалку 61 глас. Согласно Уставот, конститутивната седница треба да се одржи најдоцна до 4 август.