Преглед на вестите од светот
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанjaху се закани дека ќе ја продолжи војната доколку Хезболах го прекрши примирјето во Либан. Соопшти дека ѝ дал инструкции на армијата да се подготви за „интензивна војна“ во случај Хезболах да го прекрши примирјето .
Откако примирјето стапи на сила во средата интензивните меѓусебни напади престанаа. Оттогаш, израелската војска пријави неколку инциденти и вели дека повремено преземала мерки против членовите на милицијата Хезболах поради прекршување на прекинот на огнот. Истовремено, либанската армија ја обвинува израелската војска за прекршување на договорот.
Рускиот претседател Владимир Путин го пофали новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп како искусен и интелигентен политичар, но рече дека не верува дека Трамп е безбеден по обидот за атентат.
Путин по самитот во Казахстан изјави дека е шокиран од начинот на кој се водеше изборната кампања во САД. Рускиот претседател смета дека не може да занемари обидите на администрацијата на Бајден да создаде тешкотии во односите на Трамп со Русија.
Сепак, Москва е „подготвена за дијалог со САД, вклучително и со идната администрација“, нагласи Путин.
Рачна бомба била експлодирана ноќеска врз зградата на општина Звечан во Северно Косово. Косовската полиција соопшти дека нема повредени но е предизвикана материјална штета, општинската зграда и 4 паркирани возила.
Заменик директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани изјави дека нема повредени и е предизвикана само материјална штета. Тој информира дека е оштетена општинската зграда, како и четири паркирани автомобили.
Пред два дена беа фрлени две рачни бомби во дворот на полициската станица во Звечан, општина со мнозинско српско население. Во оваа но и две други општини со српски население
минатата година имаше големи протести на косовски Срби против преземањето на должноста на градоначалниците Албанци, откако Србите ги бојкотираа локалните избори во знак на протест против политиките на Владата во Приштина кон таа етничка заедница.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар