Балкан
11. July 2021 - 8:39

Предвремени парламентарни избори во Бугарија

Во Бугарија денеска се одржуваат 12-ти парламентарни избори по соборувањето на комунистичкиот диктатор Тодор Живков есента 1989 година. Ова се трети предвремени парламентарни избори од 2013 година.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, денешните избори ќе бидат први во поновата политичка историја на Бугарија, на кои ќе се гласа преку машини – според измените во Изборниот законик. Во Бугарија, машинското гласање ќе се одржи во 9.401 секција, а во странство – во 273 избирачки места.

На изборите учествуваат 17 партии и шест коалиции, а право на глас во Бугарија имаат 6.711.048 луѓе.

Доколку се задржи вообичаената изборна активност, се очекува околу три милиони луѓе да го искористат своето право на глас преку електронските уреди. Ова е скоро четири пати повеќе отколку на претходните парламентарни избори на 4 април, кога машинското гласање беше опционално во сите избирачки места со повеќе од 300 гласачи (вкупно 9.398 места), а го искористија 789.957 лица.

Граѓаните на Бугарија во земјата и странство денеска ќе гласаат на 11.200 избирачки машини, со просечно време на гласање од 30 секунди до 4 минути. Гласањето во Бугарија за првпат ќе се одржи надвор од темните простории, каде што традиционално се гласаше со хартиени гласачки ливчиња.

Се очекува во 46-то Народно собрание на Бугарија да влезат шест до седум партии, со оглед на тоа што три партии и една коалиција се близу до прагот од четири проценти кој е потребен за влез во парламентот.