Македонија
16. February 2021 - 8:42

Предвремени парламентарни избори и одложување на пописот ќе нема

Премиерот Зоран Заев ја отфрли можноста за одржување предвремени парламентарни избори заедно со локалните, а за пописот вели дека дефинитивно ќе се спроведе од 1 до 21 април и оти дебатата во таа смисла е завршена.

Според него, доста беше од водење дебати за пописот девет години. Какви и да биле коментарите за евентуално одожување или не, смета тој, тие завршија.

– Доста беше дебатирање, дајте да седнеме и да го завршиме тој попис, затоа што, ниту ќе смени нешто политички во државата, ниту ќе скрати, ниту ќе дополни одредени предности, правила, привилегии или било што, повика вчера Заев, нагласувајќи дека пописот ќе даде статистички податоци како статистичка операција, кои што ни се важни за идното планирање во државата.

Премиерот ги повика сите чинители во општеството – политичките партии, граѓанските организации, коморите, синдикатите и граѓаните, сите сериозно да пристапат кон оваа статистичка операција.

И за барањата на опозицијата да се одржат предвремени парламентарни избори заедно со локалните наесен, тој е дециден дека такво нешто нема да се случи. Парламентарно мнозинство за одлука за предвремени парламентарни избори, според Заев нема. Доколку постои, го повика лидерот на опизициската ВМРО-ДПМНЕ да го покаже.

– Бевме на избори, прифативме предвремени парламентарни избори на барање на опозицијата, утврдивме евроатлантска агенда, завршија изборите и изгуби ВМРО-ДПМНЕ. И сега повторно да одиме на парламентарни избори, зошто, заради тоа што така Мицковски мисли. Не. Нема потреба да одиме, нема прични зошто да одиме. Треба да одбработиме, рече Заев.

Убеден е дека ќе го задржи мнозинството од 62 пратеника во Парламентот и оти поради, како што вели, исправните политики, тоа може да се зголемува, а не да се намалува.

Опозицијата, пак, не се откажува од барањата за предвремени избори и одложување на пописот. Тврдат дека предвремени парламентарни избори се неопходни и логични како од политички така и од економски причини.

– Во Собранието се гледа дека има одредени прегрупирања, има одредени сигнали на парламентарни групи, но и на поединци кои не се задоволни од актуелната власт. Премногу било ветувано, а премалку било реализирано и кон нив, изјави вчера пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

За пописот, пак, најави дека неделава ќе почнат да собираат потписи за, како што вели, да го спречат обидот за пописен фалисфикат. Кога ќе проценат дека се собрани доволно потписи, ќе поднесат предлог – закон против сегашниот Закон за попис кој што, според него, е политизиран.

– Заев тера една агенда која што очигледно е политичка, етничка и се работи за договорени проценти за кој што зборуваат претставниците на власта. Тоа е многу неразумно во ваква ситуација кога Германија, Бугарија, Србија, Косово Шкотска, Чешка и многу други земји го одлагаат пописот пред се од интерес на здравјето на граѓаните, на здравјето на попишувачите, на здравјето на тие кои треба да се попишуваат. Сметаме дека такво нешто ќе биде само на штета на државата и граѓаните, рече Милошоски.