Бизнис
23. December 2019 - 16:58

Предупредувачки протест на дел од пазарџиите на Зелен пазар

Дел од пазарџиите денеска не ги отворија своите тезги како предупредувачки протест против новите цени за закуп. Иако најавија генерален штрајк, поголемиот дел од нив работеа. Неединството, велат, е поради тоа што имале притисоци и закани за да не протестираат.

Според менаџментот од Скопски пазар, целта на новиот ценовник е да се елиминира селективната наплата и нееднаквиот третман, нешто што претходно често се случувало, а за што се жалеа и самите закупци.

“Дневната наплата во вкупен износ за една тезга беше помал од месечниот износ за тезга од истата категорија. Пракса која дозволуваше манипулација, нефер однос и нелојална конкуренција. Од истите причини се укинува и можноста за резервација во текот на зимскиот период.”, пишува во соопштението од Скопски Пазар.

Според новиот тарифник, за дневен закуп на тезга наместо 100, односно 150 денари, сега се плаќа 250 денари, додека на месечно ниво, цената е непроменета. Но, се укинува можноста за резервација на продажно место во зима за 2.000 денари и сега месечен закуп на тезга на Зелениот Пазар чини 5.250 денари MESECNO -  во текот на целата година.