Македонија
14. December 2015 - 18:25

Предновогодишна донација на социјално загрозени семејства од Делчево

Здржението на граѓани „Луѓе по патот“ денеска на 18 семејства во социјален ризик од Делчево им додели хуманитарна помош во облека, храна, средства за хигиена, греалки и 30 новогодишни пакетчиња.
 
Според Константин Кајшаров од Здружението, со донацијата почнува кампањата чија порака е блиските да се сакаат и тоа да се покаже со вистински дела.
 
- Нашата цел е да им помогнеме на луѓето со различни проблеми, кои се во социјален ризик, кои се соочуваат со беда и сиромаштија, имаат здравствени проблеми, пречки во развојот и тоа го правиме како одлика на љубов кон човештвото, а таа одлика е основен израз на нашата вера како христијани, истакна Кајшаров.
 
Директорот од Центарот за социјални работи од Делчево Александар Николов, апелира овој пример да го следат и другите невладини организации, инситуции и поединци, со што ќе докажат дека се општествено одговорни.
 
- Центарот за социјални работи е отворен за соработка со сите што имаат социјална одговорност кон заедницата и кон оваа ранлива категоријаграѓани кои не по своја воља се наоѓаат во сцијален ризик. Апелирам до сите кои можат да помогнат, тоа и да го направат, рече Николов.
 
„Луѓе по патот“ најави ваква помош и за семејства во социјален ризик во другите градови од Источна Македонија.