Македонија
22. December 2017 - 16:14

Предлозите за нови министри ќе се достават во Собранието во понеделник

Во понеделник рано наутро се очекува владата до собранието да го достави предлогот на нови членови на владиниот кабинет.

Извори во владејачката коалиција брифираат дека кај премиерот Заев нема дилема во однос на распределбата на ресорите и кадровските решенија. Зијадин Села на вчерашната средба не успеал да го промени ставот на премиерот ресорот здравство да му го додели на Венко Филипче.

На маса е предлогот да се именува вице премиер за реформи со кој Села вчера се потсмеваше нудејќи му го на Ахмети. Но извори брифираат дека и покрај одбиеното барање за секторот здравство, Села инсистирал на задржување на постоечките позиции- министер за локална самоуправа и раководни позиции во третиот ешалон..

Официјален став партијата на Села ќе зазема откако владата официјално ќе ги достави предлозите до парламентот.

Најавите се дека уште во понеделник, Собранието ќе треба да се изјасни за новите функционери, на последната седница во 2017та.

Покрај Филипче, на оваа седница владата ќе побара избор и на Арбер Адеми од ДУИ за заменик министер за образование.

Собранието денеска ги констатираше оставките на пратениците Пендаровски и Ковачевски. Пендаровски заминува на функцијата национален координатор за НАТО а Ковачевски на директорска позиција во РЕК Битола. Констатирано е и повлекувањето на Самка Ибраимовски од позицијата министер без ресор а на негово место се очекува да биде избран Аксл Ахмедовски.