Македонија
18. May 2018 - 16:33

Предлогот „Република Илинденска Македонија“, владата ниту го потврдува, ниту го демантира

Ниту потврда ниту демант од Влада за тоа дали македонската страна го понудила предлогот „Република Илинденска Македонија“ како опција за решение во спорот со името. Заев вчера по средбата со Ципрас во Софија кажа дека нашле опција која може да биде прифатлива и за двете страни. Тој не откри за што точно станува збор иако најави дека се работи за комплетен пакет на решение.

Од владината прес служба само ја повторуваат вчерашната изјава на Заев дека една од понудените опции може да биде прифатлива, како и дека за предлогот ќе следуваат внатрешни консултации со останатите политички фактори.

„Нема да следат натамошни коментари за темата, бидејќи за текот на преговорите прво треба да бидат информирани Претседателот на државата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и другите лидери, што ќе се случи во скоро време“, пишуваат од Владата.

Идентичен став за предлог решението има и владеачката партија. Од СДСМ велат, премиерот беше прецизен во својата изјава, но за детали од преговорите со Ципрас е неопходно да се запознаат и останатите политички партии како и шефот на државата.

Лидерска средба на која власта ќе ги информира за текот на преговорите очекуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од тука не сакаат да коментираат како што велат, шпекулации за понудениот предлог од македонска страна.

Предлогот за името кој циркулира во јавноста засега не го коментира ниту коалициониот партнер ДУИ. Ахмети на фејсбук напиша дека пристигнале добри вести од Софија што е голем чекор на патот за евроатланските интеграции на државата.