Предлог Буџетот за 2024 година помина на Влада - „Тежи“ 5,5 милијарди евра
Рекордни 5,5 милијарди евра тежи предлог-буџетот за 2024, кој денеска помина на владина седница. Премиерот уверува дека тој ќе биде столб на економското заздравување. Од Владата го карактеризираат како одржлив и развоен.
„Со буџетот се гарантира редовна исплата на платите, пензиите и социјалната помош како и надмирувањето на другите потреби на граѓаните, како и сервисирање на обврските на државата кон кредиторите. Трета година по ред, буџетот се планира во услови на изразена неизвесност, надворешни ризици и неповолни трендови во глобалната економија“, изјави премиерот Ковачевски.
Стапката на инфлација следната година се очекува да се стабилизира и е проектирана на 3,6 проценти во услови на одржување на стабилно ниво на цените на енергенсите и храната на меѓународните пазари. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, пак, рече дека буџетот е изработен во извонредно тешки глобални времиња кога е тешко да се предвидат работите.
„Само за исплата на зголемените плати во овој Предлог-буџет се обезбедени дополнителни 160 милиони евра, дополнителни 170 милиони евра за спроведување на системското решение за исплата на зголемените пензии, а истовремено имаме номинално понизок дефицит во однос на оваа година за 150 милиони евра, тоа се средства со кои се прави заштеда и значи помало задолжување“, рече министерот Бесими.
Предлог-буџетот за следната година предвидува 10 процети повисоки приходи и за 5,8 проценти поголеми расходи од оваа година. Буџетскиот дефицит треба да биде намален за 150 милиони евра, и тој ќе изнесува 3,4 проценти од планираниот БДП следната година.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар