Бизнис
25. November 2019 - 16:39

Предлог буџетот влезе во собраниска процедура

Жесток старт на комисиската расправа за предлог буџетот за идната година.

За власта буџетот за 2020 година претставува инвестиција во човечкиот капитал со цел да се подобри стандардот на граѓаните и да се задржат младите во земјава. Опозицијата обвинува дека буџетот не е развоен туку социјален и популистички.

Минстерката за финансии Нина Ангеловска вели дека буџетот се базира на реални претпоставки согласно економските текови и смета дека проекциите се остварливи. Очекуваат 3,8% економски раст во услови на инфлација од 1,7% и предвиден дефицит од 1,2%. Ќе растат извозот и бруто инвестициите. Според владините проекции, идната година невработеноста ќе се намали на 16%, а нето платите ќе пораснат за 6,3%.

Опозицијата, пак, смета дека доколку наместо во капитални проекти се инвестира во квази решенија, како што се зголемување на платите или МојДДВ, тоа ќе предизвика долгорочни реперкусии врз буџетот.

Денеска е прв ден од комисиската расправа по предлог буџетот за наредната година. Поднесени се вкупно 393 амандмани, од кои најголем дел, над 300, се од ВМРО-ДПМНЕ. Расправата пред комисијата може да трае најмногу 10 работни дена, а потоа пратениците на пленарна седница ќе се изјаснат за предлог буџетот.