Свет
1. March 2016 - 9:20

Предизборна нервоза кај демохристијаните на Меркел

За разлика од баварскиот премиер Хорст Зехофер, кој овие денови ги намали критиките на сметка на миграциската политика на Ангела Меркел, чекајќи планираниот мартовски самит на ЕУ и Турција можеби да донесе резултати во решавање на бегалската криза, во кабинетот на Христијанско-демократската унија ЦДУ им се намалува трпението околу начинот на решавањето на кризата од канцеларката. Во страв дека поради бегалската криза нема да успеат на 13 март на покраинските избори во Баден-Витермберг и Рајнланд-Пфалц да ја симнат од власт тамошната владејачка коалиција на Зелените и Социјалдемократската партија СПД, кај локалните лидери на ЦДУ се повеќе расте предизборна нервоза, па изминатиот викенд повикаа на промени во политиката на канцеларката за „отворени врати‟ за бегалците. 

Со воспоставување на центри на германските граници од каде на бегалците би бил дозволен влез во земјата врз основ на одредени дневни квоти, главно барање на Гвидо Волф, кој ја предводи листата на ЦДУ во Баден-Виртемберг и Јулије Клекнер заменичка на Меркел во ЦДУ на сојузно ниво и лидерите на листата на оваа партија во покраината Рајнланд-Пфлац. Иако во нивното соопштение е истакнато дека „сојузната канцеларка со право ја промовира солидарноста во ЕУ‟, всушност целото писмо диши со повик да се воведе горна граница за прием на бегалците во Германија, на што Меркел се противи со месеци, наспроти многу посилниот притисок на Зехофер.

Клекнер и Волф наведуваат дека Германија не може само да зависи од волјата на некои држави кои не сакаат да примат бегалци, со што на директен начин го вртат вниманието на тоа дека Австрија вовела квоти, па дозволува барање за азил дневно да поднесат најмногу 80 мигранти, но преку своја територија пропушта и до 3.200 луѓе кои сакаат азил главно во Германија. Клекнер уште пред неколку месеци изнесе сличен предлог, обидувајќи се да не излезе дека е против Меркел, така што рекла дека на Германија и треба план А2, што наиде на потсмев од коментаторите.

Причината за обновување на оваа идеја лежи во тоа дека најновите анкети укажуваат дека ЦДУ во Баден-Виртемберг се бори за првото место со околу 30 отсто поддршка, но зад копјето стигнуваат Зелените од чии редови е и актуелниот покраински премиер Винфрид Кречман, кој ужива поддршка од 30,5 отсто гласачи. Во соседната Рајнланд-Пфлац ЦДУ води со 37 отсто поддршка, но владејачката СПД ужива поддршка од 35 отсто гласачи, што и дава шанса повторно да основа влада со Зелените. 
Избори се одржуваат и во источната покраина Саксонија-Анхалт, во која ЦДУ сега има 32 отсто поддршка, но полека губи со бранот на нетрпеливоста кај дел од населението кон бегалците, од кое профитира десничарската Алтернатива за Германија, која во таа покраина бележи дури 17 отсто поддршка.

Според сознанијата на неделното издание на таблоидот „Билд‟, меѓу потписниците на соопштението на функционерите на ЦДУ требаше да биде и нивниот партиски колега и актуелен премиер на Саксонија-Анхалт, Рајнер Хазелоф, но се откажа поради добрата соработка со СПД, која бележи поддршка од 18 отсто и може да биде повторно партнер во владејачката коалиција. Хазелоф не крие дека заговара потврда миграциска политика, но не напаѓа, туку релативно помирливо вели дека „иако Меркел со голема посветеност се бори за едно европско решение (за бегалската криза), тоа се уште не е на повидок‟. 
На соопштението на Клекнер и Волф следеше молк од канцеларката, но во нејзина одбрана застана вицеканцеларот и лидер на СПД Зигмар Габриел, кој вчера порача на Клекнер и Волф дека на Меркел и „забиваат нож во грб‟.

Според оценката на „Шпигл‟, реакцијата на Габриел покажува колку внатре во СДП расте незадоволството поради внатрепартискиот раздор во ЦДУ, кој е нивен коалициски партнер на сојузно ниво чија миграциска политика сесрдно ја поддржуваа. 
Според сознанијата на овој весник, меѓу социјалдемократите веќе се зборува дека „ако политиката на Меркел биде торпедирана во Европа, но и во врвот на ЦДУ, тогаш се поставува основното прашање кои се капацитетие на сојузната влада да работи‟.

Дури и да е во прашање само предизборна тактика за да се обезбеди поддршка од гласачите, сосема е извесно дека притисокот на Меркел и нејзината ЦДУ од ден на ден се зголемува. На тоа придонесоа и загрижувачките призори од источниот дел на земјата, каде се случија два инцидента, во кои група локалци организираа напади на бегалците. Свесни се за тоа во врвот на ЦДУ, па министерот за внатрешни работи Томас де Мезијер вели дека Германија нема долгорочно да трпи другите земји едноставно да пропуштаат мигранти до Германија, оценувајќи дека бројот кој Австрија го пропушта не е во ред.

А дека соопштението на Клекнер и Волф всушност најверојатно е предизборна тактика, сведочи и фактот дека Меркел пред два дена во друштво на Клекнер била на предизборен митинг во Ландау, при што не делувале скарано туку одлучно заедно да придонесат ЦДУ да ја врати власта во југозападниот дел на земјата.