Македонија
20. April 2016 - 15:24

Предавања и презентации за графички дизајн во Музеј на Град Скопје

Со предавање на истакнатиот професор, уметник и графичар Тони Васиќ, добитник на меѓународни награди за уметност и дизајн, во Музејот на Град Скопје денеска почнаа серија предавања, презентации и работилници за графички дизајн наменети за ученици и студенти од уметничките факултети во Македонија.

Како што информира МГС, покрај Васиќ,  презентација денеска одржа и Ана Симеоноф од Софија, специјалист за дизајн и визуелни комуникации чија кариера е поврзана со Софија и Париз. Изложба на нејзината плакатна уметност е поставена во ЕУ Инфоцентарот во Скопје. На презентацијата  излагање ќе има и претставник на една од најзначајните виртуелни галерии за плакат во Бугарија - Плакат Комбинат.

Во вториот дел од денот предавање ќе одржи графичкиот уметник Лазе Трипков, меѓу најзначајните македонски современи претставници на Полската школа за плакат, кој по завршувањето на Академијата за ликовни уметности во Варшава, стана дел од програмскиот совет на престижносто Варшавско биенале за постер.

Презентацијата има и Гордана Вренцоска, истакнат македонски и меѓународен графичар и моден дизајнер, која по завршувањето на студиите за дизајн на Колеџот за уметност и дизајн Централ Сент Мартинс во Лондон повеќе години работи на креирање и реализација на кампањи за повеќе интернационални брендови, како Нестле, Нескафе, Опел, Сименс и други.

До крајот на денот предавања ќе одржат професор д-р Марија Ветерова и доцент д-р Марула Николовска, а презентации за музејскиот материјал ќе извршат Михаљ Билбија и Маргарита Плевнеш-Петкоска од Музејот на Град Скопје.

Во текот на мај работилниците и изложбите за графички дизајн Музејот на град Скопје  во соработка со универзитетите и локалните музеи ќе ги пренесе во универзитетските центри Штип, Тетово и Битола.