Бизнис
19. August 2018 - 16:43

Пред-референдумски или редовни вработувања - владата и опозицијата со спротивен став за забрзаното вработување

Вработувањата не се предизвикани од референдумот, туку од потребата за стручен кадар, објаснува министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. Таа вели дека трендот на вработувања ќе продолжи зашто сега е време системот за социјална и детска заштита да се исправи на нозе.

”Она што можам да кажам за мојот сектор е дека вработуваме континуирано една година во Центарот за социјална работа и во детските градинки зашто наследивме систем каде во детската заштита недостигаат 2.000 вработувања, а сакаме квалитет во детските градинки. Невозможно. Им дадовме договори на неопределено на сите што беа вработени на определено време. Во центрите за социјална работа се вработени околу 200 лица зашто до сега имавме систем во кој што повеќе од 50% од вкупниот број на вработени во центрите е нестручен, средно стручен или неквалификуван за социјална работа и социјална заштита.”, вели Мила Царовска.

Од Агенцијата за вработување велат дека кај нив нема промена на бројот на вработени споредено со јули минатата година и информираат дека ниедна институција не може да има расходи по тој основ надвор од ставката плати за стручни служби.

“Сè тоа зависи од природата и потребата на институцијата. Ниту е кампањски, ниту е наменски, ниту е незаконски. И не може да има вработувања надвор од буџетот што го има институцијата. Така да верувам дека секаде има одлив и прилив согласно законските прописи”, вели Билјана Јовановска, директорка на Агенцијата за вработување.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека после местените тендери, власта преку партиски вработувања се обидува индирекно да влијае на референдумскиот резултат.

“Откако е распишан референдумот власта тргна во партиски вработувања на 6.000 лица, некои со времени договори, а некои на подолг рок во јавната администрација со буџетски средства. Законот вели секоја вонредна исплата на државни пари е забранета во време на распишани избори. Ова не се избори, но намерата е иста, да се влијае на резултатот. Ова е поткуп на гласачи”, обвинува Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Во овој период е забрането да има огласи за привремени вработувања и во случајов се применува од денот кога е донесена одлука за распишување на референдум, информираат од најголемата опозициска партија.