Македонија
12. November 2019 - 14:16

Пред охриѓани презентиран Нацрт-планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион

Пред граѓаните на Охрид денеска беа презентирани деталите содржани во Нацрт-планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и Стратегиската оцена на животната средина за периодот 2019-2028 година, како документи од витално значење за заштитата на регионот како културно-историското богатство и природна реткост признаена од УНЕСКО.

Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска, пред охриѓани истакна дека планот претставува исчекор напред оттаму што предвидува зонирање во самиот простор, што ќе овозможи соодветни мерки за негова заштита.

– Тоа значи воспоставување заштитен појас од 50 метри од границата на катастарската парцела Охридско Езеро, каде на интегиран пристап преку урбанистички план од државно значење ќе се утврдуваат заштитните мерки, во соодветните А и Б зони, рече Петровска.

Планот предвидува во А зона да не се дозволува градење со цел задржување на крајбрежната функционалност на езерото и зачувување на квалитетот на езерото, додека во Б зоната се задржуваат изградените објекти, но со тенденција на зголемување на површината од зоната А, особено во деловите што имаат крајбрежна функционалност согласно рамковната директива за води.

По однос забелешките на дел од еколошките задруженија, експертска јавност дека се носи План за управување без притоа да се донесат соодветни законски решенија за Охридско Езеро, без студија за Студенчишкото блато, за управувањето со Националниот парк „Галичица“, со сливното подрачје на Охридското Езеро и слични документи, Петровска категорична дека доколку се чека на спроведување на сите потребни процедури, а потоа се носи План, Охридското Езеро никогаш нема да добие соодветна и неопходна заштита.

– Ние треба под итно да го направиме планот и да го усогласиме со сите чинители, за што е впрочем организирана оваа јавна расправа, и веднаш штом го донесеме да продолжиме со зонирањето внатре во заштитените подрачја. Доколку се прават промени во зонирањето, Планот ќе биде ревидиран и усогласуван преку соодветни предвидени преодни одредби, рече таа.

Самиот План треба да ја даде рамката за управување со регионот, но со него управуваат институциите, но и граѓаните кои имаат свое земјиште и објекти во планот.

– Доколку тој се почитува имаме добра основа, да и помогнеме на Комисијата за управување со природното и културното наследство да може да носи одлуки. Планот овојпат е толку експлицитен што согласно мерките што ги утврдува документот, Комисијата точно ќе може да издава дозвола за градба, рече Петровска.

Попладнево јавна расправа по Нацрт-планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и Стратегиската оцена на животната средина ќе се одржи и со граѓаните на Струга.

Самиот Нацрт-план на 20 октомври е испратен до УНЕСКО така што се очекува повратна информација по однос документот со нивно мислење. После одржувањето на јавните расправи процедурата понатаму предвидува разгледување на реалните забелешки од кои дел би биле интегрирани во документот, по што таквиот усогласен План би бил доставен на усвојување до Владата и во февруари идната година до УНЕСКО