Македонија
8. December 2019 - 13:34

Празнична изложба на библиотеката во Битола за патронот Св. Климент Охридски

Националната установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Битола со празнична изложба и литературни настани го одбележува 8 декември, нејзиниот патронен празник.

Изложбата на тема „Нашите 365 денови“ содржи информативен плакат кој потсетува на настаните, манифестациите и други активности организирани од или во НУУБ „Св.Климент Охридски“-Битола во текот на годината и избрани статии објавени во средствата за јавно информирање посветени на Библиотеката.

-Според востановената традиција, патрониот празник го одбележуваме со повеќе настани и освен изложбата, одржавме промоција на Зборник во кој се содржани излагања од 14. Роднокрајна средба со битолските писатели, како и чествување за делото на Горан Стефановски. Изложбата „Нашите 365 денови“ ќе биде отворена и во наредните денови, истакна Бојан Стефановски, директор на НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола.

Со празнични програми, патронен празник во Битола одбележаа Универзитетот и основното училиште „Св.Климент Охридски“ во овој град.