Македонија
2. September 2020 - 16:40

Празни училишта, полни ресторани - младите го прославија први септември

Наместо да тргнат на училиште, млади на полноќ се забавуваат во Трговскиот Центар “Бисер” во Аеродром. На видеото објавено на социјалните мрежи може да се забележи дека тинејџерите немаат ниту маски, ниту држат растојание. Револтирани од глетката, но и од ситуацијата со пролонгирање на учебната година граѓани настанот синоќа го пријавиле во Државниот пазарен инспекторат. Директорот на ДПИ за Сител вели дека инспекторите пристигнале во локалот 20 минути после полноќ и на лице место констатирале прекршувања на законите.

-Во направениот записник е евидентирано дека локалот не бил регистриран како даночен обврзник, а го пречекориле и работното време кое од 1 септември преку недела е до 24 часот. Затоа од страна на инспекторатот ќе биде поднесена прекршочна пријава и забрана за работа од 30 дена, вели директорот на ДПИ Стојко Пауновски.

Денеска локалот беше отворен, пред него беше истакната и понуда за пијалоци, но ги немаше високите шанк маси на кои вчера се забавуваа младите.

За прекршување на здравствените протоколи од страна на младите во локалот, од Пазарниот инспекторат велат дека инспекторите синоќа не можеле да казнуваат физички лица зошто немаат ингеренции. Во текот на денот со документација го известиле МВР да постапува понатаму. Вчера не побарале асистенција од полицијата зошто непречено бил изготвен записникот. 

Од тука останува отворено прашањето дали воопшто ќе има санкции за средношколците за прекршување на протоколите на синоќешната забава.

Забавата во трговскиот “Бисер” е само една од низата журки изминатиот период кои беа обелоденети со фотографии и видеа. Секоја вечер до доцна во ноќта младите од главниот град претежно ученици се собираат во градскиот парк и во нивните населби. Седат непосредно едни до други без заштитна опрема. Поради ова професорот по микробиологија Никола Пановски вели дека заради корона вирусот побезбедно е децата да одат на училиште отколку да се дружат без никаква контрола.

-Една училница кога ќе се отворат сите прозори е многу побезбедна и да не се носат маски, а кога ќе се носат маски уште побезбедна одколку овие слики на групирања кои ги гледаме секој ден, изјави за Сител Никола Пановски, професор по микробиологија.

Професорот Пановски останува на ставот дека одложувањето на почетокот на учебната година е погрешна одлука зошто ќе се испуштат убавите временски услови во септември.

-Наставата можеше да се одржува дури и на отворено, додаде професорот Пановски.

Засега нема официјална одлука дали и кои училишта на 1 октомври од 4 одделение нагоре ќе ја почнат учебната година со физичко присуство.