Македонија
14. January 2019 - 16:28

Православните христијани денеска го одбележуваат денот на Св. Василиј Велики

Православните христијани денеска го одбележуваат денот на Св. Василиј Велики, во народот познат и како Василица. Централното одбележување на празникот се одржа во црквата “Св Илија” во Скопје, каде свечена Василиева литургија богослужеше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Во својата честитка по повод Новото лето Господово, поглаварот на МПЦ на сите верници им посака успешна година исполнета со мир и благослов.

По завршување на литургијата, верници од најразлична возраст пристапија на света причесна за здравје, а потоа добија и нафора.

Дел од македонските семејства Василица, односно Православна нова година ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на “Св Василиј” слават именден. Традициционално, на овој празник се крши погача со паричка, а се верува дека тој што ќе ја најде паричката ќе го следи среќа и бериќет во текот на целата година.

Св. Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители во четвртиот век. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење.