Балкан
5. December 2019 - 15:48

Пратеникот Стерјовски со забелешки за неодвојувањето средства за малцинствата со буџетот за 2020

Пратеникот од единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција МАЕИ Васил Стерјовски на денешната пленарна седница на албанскиот законодавен дом, на чиј дневен ред е Предлог – буџетот за 2020 година, стави остри забелешки „во однос на делот кој се однесува на малцнствата“.

Тој, како што рече, со жалење констатира дека во Предлог – Буџетот за 2020 година не е планиран ниту еден фонд за националните малцинства, без разлика на обврската што ја има кон нив како лојални граѓани и редовни даночни обврзници на земјата.

– Според Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија, донесен во октомври 2017 година, Комитетот за национални малцинства, преку Фондот за националните малцинства, финансира иницијативи и проекти насочени кон заштита на правата на националните малцинства, заштита и промовирање на нивниот националeн, јазичен и културен идентитет. Во буџетот за наредната година не е предвидено финансирање на Комитетот за национални малцинства, што значи дека македонското, грчкото, влашкото, црногорското, српското, бошњачкото, ромското и египјанското малцинство во 2020 година, како и во последните 30-години, нема да имаат ниту еден фонд за поддршка на иницијативи и проекти насочени кон заштита на правата на националните малцинства и заштита и промовирање на нивниот националeн, јазичен и културен идентитет, рече Стерјовски.

Посочи дека не се планирани средства ниту за формирање редакции на малцинствата во јавниот радиодифузер, кој пред две години врз основа на Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија почна со емисии и пет минути вести на неколку малцински јазици на вториот канал на албанската државна телевизија, телевизиски канал посветен на националните малцинства.

-Ова беше позитивен чекор, но празнините во времето и содржината на програмите кои не одговараат на реалните интереси, потреби и проблеми на малцинствата продолжуваат да постојат. Со формирањето на редакција на новинари од малцинствата во РТШ2, тие ќе бидат креатори на вестите, хрониките и репортажите за малцинството што тие го претставуваат,посочи тој.

Стави забелешка и на тоа што со Буџетот не се предвидени средства за економски развој за областите каде живеат малцинства, вклучително и македонското малцинство.

-Областите во кои живее македонското малцинство, општина Пустец во областа Преспа, областите Голо Брдо и Гора, општините Булќиза и Либражд и селото Врник во општина Девол се најсиромашните области во нашата земја, запоставени од сите влади во последните 30 години, без потребната патна инфраструктура, водоснабдување, канализација, здравствена заштита, електрична енергија итн. И покрај тешката буџетска состојба поради разорниот земјотрес, мислам дека решавањето на овие проблеми ќе биде земено предвид за да се покаже дека сегашната власт е заинтересирана да ги реши проблемите што малцинствата воопшто и особено Македонците ги имаат во нашата земја, нагласи Стерјовски.

На почетокот од своето обраќање тој изрази искрено и длабоко сочувство до семејствата на починатите од земјотресот, а на повредените им посака што побрзо закрепување.

-Сите албански граѓани, без оглед на етничката припадност, се солидаризираа со нашите сограѓани погодени од земјотресот. Поддршка за погодените од земјотресот дадоа сите албански граѓани, како Албанците, Грците, Македонците, Власите, Србите, Црногорците, Бошњаците, Ромите и Египќаните во Република Албанија,рече тој.

Изрази благодарност до сите домашни институции, но и на волонтерите за целата пожртвуваност што ја покажаа во справување со последиците од земјотресот.

-Изразувам благодарност до сите Македонци во Албанија кои покажаа солидарност и хуманост и пoмогнаа финансиски и со храна и облека за нашите сограѓани погодени од земјотресот и ги повикувам да продолжат со солидарност и поддршка за погодените од земјотресот. Изразувам благодарност на нашите соседи, но и на другите земји кои се солидаризираа и помогнаа во справувањето со последиците од земјотресот од 26 ноември, рече Стерјовски пред народните избраници.

Тој изрази надеж дека ќе продолжи поддршката и помошта во обновата на урнатите и оштетени домови, со цел уништувачките последици и психолошката траума што овој период ја предизвика земјотресот кaj населението да се надмине што е можно побрзо.