Македонија
5. September 2016 - 11:37

Пратеникот Николоски ќе учествува на состанокот на Бирото на ПССЕ

Пратеникот Александар Николоски, во својство на потпретседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) денеска во Париз ќе учествува на состанокот на Бирото на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

На состанокот во Париз, соопшти денеска Одделението за јавно информирање и односи со јавноста на Собранието на РМ, ќе се разгледува дневниот ред за престојната есенска сесија на ПССЕ закажана за 10 октомври 2016 година во Стразбур, евентуалните барања за инти точки на дневниот ред, потоа составот на изборните мисии кои ќе ги набљудуваат претседателските, односно парламентарните избори во Грузија, Црна Гора, Молдавија и Бугарија, правилата кои се применуваат при набљудување на изборите и други прашања врзани си работата на Собранието и неговите работни тела.

Предвидено е на маргините на состанокот Николоски да се сретне и да размени мислења со членовите на Бирото.

Како што се појаснува во соопштението, со фукцијата потпретседател на која Николоски беше избран во 2015 година со мандат од две години, тој доби место и во Бирото на Собранието, кое го сочинуваат претседателот на ПССЕ, потпретседателите, шефовите на политичките групи и на Постојаниот комитет. Бирото го подготвува дневниот ред на сесииите на  Собранието, ги разгледува документите на комисиите, ги организира секојдневните активности и истовремено соработува со други меѓународни тела.